Македонија
19. May 2022 - 21:16

Европратениците го поддржаа Извештајот за напредокот на Македонија

Европскиот парламент попладнево со 508 гласа „за“ и 56 „против“ го усвои Извештајот за напредокот на Македонија. Европратениците повторно препорачуваат старт за преговорите, но исто така усвоени се и трите спорни бугарски амандмани, за кои неколку невладини организации предупредуваа дека може да го внесат билатералниот спор со Бугарија во преговарачката рамка.

Амандманите не беа присутни во минатогодишниот извештај. Се однесуваат на усогласување на “заедничка историја“ со Бугарија, мешовитата историска комисија која треба да работи независно, а се оценува и дека нема напредок во имплементацијата на Договорот за добрососедство.

Резолуцијата е необрзувачка, меѓутоа усвоените амандмани може да се протолкуваат како дипломатска победа за Бугарија.

И покрај контроверзните амандмани, македонското МНР соопшти дека го поздравува усвојувањето на Резолуцијата, посочувајќи дека европратениците упатиле јасна политичка порака за важноста од забрзување на евроинтеграцијата на земјава.

„Охрабрува фактот што текстот на Резолуцијата доби поддршка од огромен број на членови на Европскиот парламент, што ја отсликува поддршката од поширокиот политички спектрум во рамките на ЕУ,“ се наведува во соопштението на МНР.

Изгласувањето на резолуцијата за Македонија доаѓа во време на голема дипломатска офанзива за кревање на бугарското вето во јуни, но и се поостра реторика помеѓу двете земји. Денеска во Софија на блиц посета беше еврокомесарот за проширување Вархеи, трет пат за само месец и половина.