Македонија
6. October 2020 - 20:01

Еврокомесарот Вархеји се надева на прва меѓувладина конференција до крајот на годинава

Средно подготвена земја за ЕУ. Ова е генералната оценка на Европската комисија во годишниот Извештај за реформскиот напредок на Македонија. Бележиме прогрес и стабилен реформски напредок во клучните области – владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата, но работа допрва претстои.  

Во обемниот извештај поздравена е реформската стратегија за судството, но се бара засилен напор во нејзината имплементација. Како позитивен чекор се споменува и донесувањето на Законот за јавно обвинителство, со кој се најде решение за случаите од СЈО.

Се забележува и добар напредок во борбата против корупцијата, но таа е се уште присутна во многу области, констатира Европската комисија. Болна точка и натаму е јавната администрација, а слаб реформски напредок бележиме и во слободата на говорот и во животната средина.

Презентирајќи го Извештајот од Брисел, по првпат со превод на македонски јазик, еврокомесарот Вархеи е оптимист дека Македонија до крајот на годината ќе ги почне преговорите со ЕУ, но со препорака до македонските власти во директен дијалог со Бугарија да најдат решение за отворените прашања.

Токму добрососедските односи се пофалени во Извештајот, со нагласување да се продолжи со спроведувањето на договорите со Грција и со Бугарија. Во делот на политичките критериуми, се изразува задоволство што опозицијата е активна во политичкиот процес, давајќи поддршка за стратешките приоритети како НАТО и ЕУ.

Можеме и треба да бидеме задоволни од целокупната оценка, е првичната реакција од македонските власти. Вкупната подготвеност е оценета со 3,11 или добро ниво, истакна вицепремиерот Димитров на заедничката прес конференција со евроамбасадорот Гир.

Годишниот Извештај на македонските власти утре директно ќе им го врачи еврокомесарот Вархеи, кој меѓудругото ќе се обрати и пред пратениците.

Тој воедно ќе ги претстави и деталите на усвоениот Економски план за западен Балкан, кој предвидува вкупно девет милијарди евра инвестиции во регионот.