Македонија
22. December 2019 - 10:19

Еврејската заедница одбележува 75 години од возобновувањето по Втората светска војна

Еврејската заедница во Република Македонија вечер во 20 часот на Малата сцена во Македонскиот народен театар ќе ја одбележи 75-годишнината од возобновувањето по Втората светска војна.

Како што најавуваат од Еврејската заедница, на сцената ќе биде претставена мултимедијална изведба „Отсјајот на Давидовата ѕвезда“ под режисерската палка на Трајко Јордановски со спој на музика, танц, глума и визуелна нарација.

Собранието за обнова на Еврејската општина по Втората светска војна е одржано на 26 декември 1944 година. За прв претседател на обновената Еврејска општина бил избран Ѓорѓи Блајер, за секретар неговата сопруга Лена, а за потпретседатели Јосип Грас и д-р Боро Варон. Со тој настан, малата група преживеани македонски Евреи го продолжи животот во Македонија.