Loading Video...
Ракомет
2. December 2019 - 15:03

Еурофарм Работник подготвен за пресметката со ППД Загреб

Нема многу време за одмор за македонските ракометни претставници на меѓународната сцена.  Откако изминатиот викенд ги одиграа дуелите во Лигата на шампионите, Вардар и Еурофарм Работник веќе утре ги очекуваат нови дуели, но овојпат во регионалната СЕХА лига. 
 
Во натпревар од 8.коло на Б групата Еурофарм Работник во Битола, го пречекува ППД Загреб. Битолчани се на 4.место на табелата со 9 бодови, три помалку од хрватскиот првак, но и Мешков Брест кој е ва втората позиција.
 
Затоа утрешниот меч е од големо значење, па доколку Еурофарм успее да слави победа ќе врати во игра за одвојување на второто место, а со тоа и директен пласман во четвтфиналето. 
 
„Сигурен сум дека ќе одиграме изедначен и докрај неизвесен натпревар. Имаме мали повреди, Кукоски ја обнови повредата, уште не сме залечени, но ќе парираме на големиот ривал. Ги повикувам сите симпатизери, да дојдат да нè бодрат, бидејќи овие момци заслужуваат поддршка“, изјави тренерот Божидар Мојсов
 
Оптимизмот го дели и голманот Градимир Чаневски, кој додаде: „Ни следи тежок натпревар, знаеме каков ривал е ППД Загреб. Наше е да направиме публиката да ужива и да ја испратиме годината со позитивен резултат. Се надевам дека ќе добиеме адекватна поддршка за да ја оствариме целта“.
 
Дуелот меѓу Еурофарм Р. и ППД Загреб што ќе се игра утре во салата „Боро Чурчлевски“ ќе започне од 17 часот и 15 минути, додека во терминот од 20 часот и 45 минути во Нови Сад, Вардар ќе гостува кај Војводина. Ова е меч од А групата во која вардарци со „скор“ 6 победи и 1 пораз се лидери на табелата