Loading Video...
Ракомет
13. May 2020 - 14:58

Еурофарм Пелистер заинтересиран за Кирил Лазаров

Дека битолскиот клуб има сериозен долгорочен план, со големи амбиции, потврдува и следната информација. 
 
Битолските „Фармацефти“ се надеваат дека Европската ракометна федерација (ЕХФ), ќе ги препознае квалитетите и трудот кој го вложија од тимот со нивниот минатогодишен дебитантски настап во Лигата на шампионите, и дека во следната сезона Еурофарм Пелистер повторно ќе добие шанса да игра во елитното натпреварување. 
 
Ова меѓу другото го изјавува претседателот на Еурофарм Пелистер, Зоран Стерјев, во интервјуто за порталот „Гол.мк“, во кое открива дека тимот ќе се обиде во своите редови да донесе што е можно повеќе македонски репрезентативци, а не ги крие и желбите дресот на битолчани повторно да го облече капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров. 
 
„Отсекогаш сме се залагале костурот на екипата да се темели на македонски репрезентативци. Во изминатиот период сме разговарале скоро со сите. Со Талевски во неколку наврати... Кузмановски секогаш е на нашиот радар, Пешевски имаше одлична сезона во Штутгарт и има уште една година договор. Но, на тема заедничка идна соработка ние разговараме веќе подолг период. Костески е огромен талент, од кој никогаш нема да се откажеме... Интерес кај сите љубители на ракометот буди и можната соработка со Кире Лазаров и тоа е сосема легитимно, особено ако се земе предвид од каде започна неговата блескава ракометна кариера... Сите можности се отворени, но се разбира евентуална соработка ќе зависи, најмногу од неговите планови по доигрувањето на идната сезона, кога и му завршува договорот со Нант. Доколку постои и најмала шанса за негово враќање како играч во нашата држава, ние ќе се обидеме истата да ја искористиме. Се разбира во рамките на реалните можности“, изјавил Стерјев. 
 
Битолчани за следната сезона веќе го ангажираа нашиот репрезентативец Марио Танкоски, како и искусниот хрватски десен бек Сипе Мандалиниќ, како и неговиот сонародник Матео Мараш и босанкиот репрезентативец Јосип Периќ.