Македонија
15. January 2019 - 10:58

ЕУ проект: „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување на евра“

Постоењето на капацитети за борба против фалсификувањето на евра е еден од основните предуслови предвидени во поглавјето 24 и колку побрзо ќе ги изградиме овие капацитети толку подобро за процесот на преговори, но и подобро за зајакнување на нашите институции во зголемување на капацитетите и нивната стабилност, со што ќе се зголеми довербата на  граѓаните, рече министерот Оливер Спасовски на конференцијата „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување на евра“ што се одржува во Скопје

Потребата за реализација на овој проект произлегува и од забелешките од неколкуте последователни извештаи за напредокот на Република Македонија, во кои беше утврдена потреба од јакнење на капацитетите на институциите кои имаат свои ингеренции во делот на борбата против фалсификување на еврото. Фалсификувањето на парите, вклучително и еврото ќе биде една од клучните области во поглавјето 24 кои ќе бидат таргетирани со започнување на скрининг процесот.

Во изминатиот период од страна на Владата на Република Македонија, рече Спасовски, се преземени неопходните мерки за прифаќање и инкорпорирање на европското законодавство во оваа област. Веќе е воспоставена централната канцеларија за истраги во областа на фалсификувањето на пари.

Проектот ,,Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување на еврото“ започна со имплементација на 01 ноември 2018 година и има за цел да воспостави ефикасно функционирање на системот за спречување на фалсификување на пари, спречување на вршење на криминални активности, јакнење на монетарниот систем на Република Македонија, како и прилагодување на македонските со европските стандарди за борба против фалсификувањето на пари. Досега веќе се реализирани неколку експертски мисии со цел мапирање и запознавање со моменталната состојба. Како имплементатор на проектот, кој е предвидено да трае осум месеци, е избрана германската Бундесбанк.

„Крајни корисници на резултатите во рамките на проектот се Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност и Народната банка на Република Македонија. Во овој дел би сакал да изразам благодарност до претставниците на Народната банка за нивната континуирана соработка и поддршка и се надевам дека истата ќе продолжи и во иднина. Министерството за внатрешни работи ќе ги преземе сите неопходни активности со цел успешна имплементација на овој исклучително значаен проект и ќе работи на понатамошно зајакнување на меѓуинституционалната соработка помеѓу сите засегнати чинители“, рече Спасовски.

Министерот Спасовски изрази благодарност за континуираните напори и помош што Европската Унија ја дава на Република Македонија, а во тој контекст и на Министерството за внатрешни работи.