Македонија
9. May 2017 - 11:37

ЕУ појадок по повод Денот на Европа

Македонија минува низ историски моменти кои бараат историски одлуки, не какви било, туку вистинските. Време е да ставиме крај на маѓепсаниот круг на кризата и да се насочиме во спротивен правец. Наша должност како политичари е да го направиме тоа. Ова го изјави вицепремиерот за евроинтеграции Арбр Адеми кој беше домаќин на ЕУ појадокот што традиционално Секретаријатот за европски прашања го организира по повод 9 Мај - Денот на Европа.

Адеми нагласи дека е потребно што поскоро да се избере реформски ориентирана влада која веднаш треба да се соочи со многуте предизвици и да обезбеди институционални капацитети за реформскиот процес. Тоа не е лесно, но е остварливо, додаде вицепремиерот Адеми, а во таа насока рече, важно е вратата на ЕУ да остане отворена.

- РМ заедно со земјите од регионот и припаѓа на ЕУ и сите треба да работиме заедно кон оваа цел. Без оглед на тежината на предизвиците со кои се соочуваме за Македонија, ЕУ интеграциите се клучен стратешки приоритет и нема друга алтернатива, порача вицепремиерот Адеми.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека денес кога ЕУ одбележува 60 роденден исправена е пред низа предизвици, но и избори.

- ЕУ е избор за граѓаните на Европа, за земјите аспиранти и нивните граѓани. Живееме во време на промени и на предизвици. Секоја наша земја членка, секоја земја од Западен Балкан како идна членка како ЕУ и самата и граѓаните на Европа треба да решат како ќе се справат со овие промени и предизвици при изборот треба да се водиме од лекциите од историјата, рече Жбогар.

Тој нагласи дека не случајно Денот на Европа коинцидира со Денот на победата над фашизмот и завршувањето на војната која ја опустоши Европа.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние во изјава за медиумите истакна дека за ЕУ е важно Македонија да се врати на европскиот пат. 

- Претстои многу работа, но можеме да видиме дека се уште постои ентузијазам. Тоа е многу важно бидејќи Македонија игра витална улога за стабилноста на Балканот. Интеграцијата на Балканот ќе биде  потврда за успехот на ЕУ, рече Тимоње.

Во однос на доделувањето на мандатот за формирање влада, тој истакна дека одлуката е во рацете на претседателот на државата Ѓорге Иванов. Тој е одговорен државник и јас сум целосно убеден дека тој ќе дејствува така, посочи амбасадорот Тимоние.

На 9 мај, 1950 година Роберт Шуман, поранешен француски министер за надворешни работи, го презентираше предлогот за создавање организирана Европа, како опција за одржување на мирот на европскиот континент, кој што беше разурнат од војните. Предлогот, познат како „Шуманова декларација“, се смета за почеток на формирањето на она што денеска го знаеме како Европска унија.