Свет
17. October 2016 - 16:04

ЕУ обезбедила 2.2 милијарди евра од спогодбата со Турција за миграцијата

ЕУ досега обезбедила 2.2 милијарди евра од предвиднеите вкупно три милијарди евра за спогодбата за миграцијата со Турција, се посочува во писмото на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, до шефовите на држави и влади на ЕУ.

Спогодбата предвидува една милијарда евра да се обезбедат од буџетот на ЕУ, а останатите  од националните влади.

Јункер додава дека реализацијата на спогодбата бара брзина. Според него, таа е во корист на трите милиони мигранти, што се засолнети на турска територија.

Обезбедените средства ќе треба да се искористат за обезбедување на образование, медицинска нега и храна за мигрантите.

Јункер посочува дека тоа е најголемата хуманитарна програма во историјата. Благодарение на одобрените средства еден милион мигранти ќе добијат банкарски картички, на кои секој месец ќе им биде уплаќана помошта во храна, засолниште и обезбедување пристап за нивните деца до училишта.

Прашањето за миграциските приливи ќе се најде и на дневниот ред на претстојното заседание на Европскиот совет.