Свет
7. јуни 2016 - 11:36

ЕУ ќе бара спогодби со африканските земји за мигрантите

После договорот со Турција, Европската комисија денеска ќе претстави нов план за решавање на бегалската криза кој предвидува склучување т.н. „мигрантско партнерство“ со девет африкански земји. 

- Еврокомисијата и предложи нови мигрантнски партнерства, посебно со Африка. Ќе понудиме нови сеопфатни партнерства, прво за девет држави кои се земји на потекло или транзит за бегалците, изјави европскиот комесар за миграција и внатрешни прашања Димитрис Аврамопулос во интервју за германскиот весник „Велт“.

Тој прецизираше дека станува збор за Јордан, Либан, Тунис, Нигер, Мали, Етиопија, Сенегел, Нигерија и Либија и дека списокот на земји со текот на време може да се прошири на други држави од Африка и Азија. 

- Целта на ваквото партнерство е сузбивање на причините за заминување на бегалците и намалување на приливот на илегална миграција во Европа, објасни Аврамопулос, додавајќи дека идејата е заснована врз искуството од договорот со Турција.

- Но тоа нема да биде чиста копоја. Не можат истите критериуми да се пренесат на сите земји. Со секоја од овие девет држави сакаме да постигнеме различни договори, рече Аврамопулос.

Според него, ЕУ сака да ги убеди овие земји повторно да ги прифатат илегалните мигранти, доследно да се борат против криумчарењето луѓе, како и ефикасно да ги штитат своите граници.

Аврамопулос вели дека ЕУ до 2020 година може да издвои осум милијарди евра, а ако се поттикнат приватните и јавните инвестиции би можело да се дојде и до бројката од 31 милијарда евра.

- Ако се вклучат и државите членки и другите партнери би можеле на крајот да мобилизираме и до 62 милијарди евра, изјави европскиот комесар.

Тој додаде дека оние држави кои ќе се покажат како „некооперативни“ можно е да се соочат со последици.