Свет
27. March 2017 - 11:02

ЕУ ја повика Русија итно да ги ослободи демонстрантите

Европската унија ја повика денеска Москва без одлагање да ги ослободи мирните демонстранти, кои се уапсени и задржани во притвор за време на протестите против корупцијата, орранизирани ширум Русија. 

Меѓу стотиците уапсени лица за време на вчерашните демонстрации во Москва, кои беа едни од најмасовните недозволени собири одржани изминативе години, е и рускиот опозиционер и критичар на Кремљ, Алексеј Навални, кој најави дека планира да се кандидира на претседателските избори следната година. Се очекува Навални денеска да се појави пред судот.

Портпаролот на ЕУ оцени дека со полициска акција е спречено остварувањето на основните слободи на изразување, здружување и мирен собир, што се основни права загарантирани во рускиот Устав. 

- Ги повикуваме руските власти целосно да се придржуваат до своите меѓународни обврски, вклучувајќи ги и тие на Советот на Европа, да ги поддржуваат тие права и да ги ослободат без одлагање мирните демонстранти, кои се притворени, додаде тој. 

Руската полиција соопшти дека вчера околу 500 лица се уапсени во Москва, додека сајтот „ОВД-Инфо“, кој го следи притворањето на активистите, наведе на својот налог на Твитер дека за време на демонстрациите во рускиот главен град се уапсени најмалку 700 лица. 

Опозицијата ги повика луѓето да излезат на улиците во знак на протест поради корупцијата и да побараат оставка на премиерот Дмитриј Медведев. Протестот го покрена опозицискиот лидер Алексеј Навални, по неговите неодамнешни тврдења дека премиерот Медведев поседува повеќе куќи, јахти и лозја.