Македонија
2. August 2016 - 11:47

Естонскиот камерен оркестар „Хортикус Музикус“ вечерва на „Охридско лето“

Дваесет и првата вечер од програмата на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“ е резервирана за настапот на естонскиот камерен оркестар „Хортикус Музикус“.

Станува збор за еден од најстарите ансамбли во Источна Европа, основан во 1972 година од страна на неговиот уметнички директор и диригент Андрес Мустонен. „Хортикус Музикус“ оттогаш постојано е присутен на светските концертни сцени во Соединетите Американски Држави, Јужна Америка, голем број европски земји, Израел, Русија и Јапонија.

На репертоарот на овој ансамбл, покрај останатите дела, се наоѓа и музика која датира уште од VIII век – Грегоријански напеви, органуми, средновековни литургии, химни и мотети, дела на композиторите од Франко-фламанската школа итн. И современата музика е дел од нивните концертни програми, оттаму што повеќе современи композитори имаат создадено дела наменски изработени токму за тој ансамбл.

На програмата на вечерашниот празничен концерт што ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот се извадоци од „Кармина Бурана“ на Карл Орф, како и традиционални еврејски песни.