Бизнис
24. јуни 2021 - 19:36

ЕСМ понуди пониска цена од ланската - Што ќе се случува со цената на струјата?

ЕСМ понуди 7 отсто пониска цена за струјата на тендерот на Универзалниот снабдувач ЕВН ХОУМ. Оттаму за Сител посочија дека државните електрани понудиле најповолна цена за електричната енергија од 36, 1 евро за мегават час. Тоа е за 7 проценти пониска цена од онаа што ја понудиле на ланскиот тендер кога беше 38,8 евра за мегават час. На аукцијата учествувале две компании ЕСМ и ЕФТ. Иако имаат обврска да покријат 70 проценти од потребите сепак електрани ќе обезбедат 100 проценти покриеност во втората половина од годинава. Новата корекција на цената на струјата се уште не е направена, но за нејзиното формирање најмногу влијание има токму сумата која денеска ја понуди ЕСМ.

Се чека и Регулаторна да ги заврши анализите и да каже што од барањата на Мепсо и Електродистрибуција ќе биде прифатено. Од први јули се најавува и намалување на ДДВ-то од 18 на 5 проценти. Сите овие параметри ќе имаат влијание на новата цена. Засега се знае само дека евтината тарифа останува. РКЕ потенцира дека нема да дозволи да се укине.

Од независниот синдикат на транспортери бараат од сметките да се тргне ангажираната моќност.

Инаку поради пандемијата ланската година и ЕСМ и Мепсо ја зваршија со загуби. Преносниот систем со речиси 6 милиони евра, а државните електрани со над 16 милиони евра. Поради намалени приходи тие уште лани побараа зголемување на цената на струјата, која се зголеми за 7, 4 отсто.

Новата цена на струјата треба да биде донесена до крајот на јули и ќе важи од први август.