Македонија
6. October 2022 - 16:34

ЕСМ набави гас за две недели работа на топланите - Радијаторите ќе останат студени до 15-ти октомври

Грејната сезона во Скопје ќе започне на 15-ти октомври, без разлика колку ниски ќе бидат температурите дотогаш. ЕСМ обезбеди гас само за последните две недели од месецов. За таа цел набавени се околу 4 милиони кубни метри гас за топланите Исток и Запад.

„За до крајот на грејната сезона концептот на греење, односно енергенсот, ќе се определи во зависнот од тоа дали и во каков режим ќе работи гасната електрана ТЕ-ТО, која како нус-производ од производството на електрична енергија испорачува топлина во системот за парно греење во Скопје. Двете топлани кои АД ЕСМ ги има под закуп, имаат технички опции за различни погонски енергенси“, велат од компанијата.

Првиот човек на регулаторна вели дека е во ред греењето да започе од 15-ти, затоа што гасот треба да се штеди. Сепак во екстремни ситуции при ниски температури, ќе се направи напор топланите да профункционираат.

Владата ќе треба да одлучи дали топланите ќе работат на гас во текот на цела сезона или ќе се префрлат на дизел или мазут. Тоа ќе зависи од цените на енергенсите на светските берзи. Доколку цената на гасот е превисока, топланите ќе користат енергенси од државните резерви. Во Собранието веќе влезе предлог за дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви. Со него ќе се овозможи за краток период да се искористат дури половина од резервите кои ги поседува државата во складиштата за мазут, дизел и нафта за загревање, додека во сила е енергетската криза. Измените ќе се носат по скратена постапка, но од Собранието за Сител велат дека се уште не се знае кога и на која седница овој предлог ќе се најде пред пратениците. Дизел, бензин, мазут и нафта за загревање ќе им се дели на јавните претпријатија и другите државни институции како заем, а без надомест ќе им се отстапат на ЕСМ и ТЕЦ Неготино. Kому и по колку ќе се дели, ќе решава Владата.

Во меѓувреме, опозицискиот лидер открива дека надлежните веќе почнале да ги користат контактите што тој им ги предаде за полесно и поевтино надминување на енергетската криза.

„Позициите се предадени и од информациите коишто јас ги имам, официјални средби ќе има во следните ден или два. Кај ќе биде резултатот и како понатаму ќе се одвива процесот јас не можам да гарантирам бидејќи немам намера да се вклучувам во комерцијалниот дел. Има надлежни инситуции и одговорни лица коишто тој процес треба да го движат во таа насока.“ – Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски додава и дека е предаден предлогот за измени во Законот за енергетика со кој општинските и државните претпријатија, како и објектите од образованието и здравството, ќе преминат од слободниот во регулираниот пазар на електрична енергија.