Балкан
29. December 2016 - 13:49

Ердоган: НАТО да ја поддржи Турција, а не терористите во Сирија

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган го повика денеска НАТО да ја поддржи Турција, а не терористички организации во Сирија, јави агецијата Анадолија. 

- Со оглед на тоа дека сме членки на НАТО, поддржете не нас, а не некои сепаратистички терористички организации, изјави турскиот претседател.

- Нема никаква помош од НАТО или од некоја друга земја од Алијансата во сирискиот град Ал Баб, рече Ердоган.

Тој посочи дека некои земји, а пред се САД, поддржуваат организации, кои извршуваат масовни убиства во регионот. 

Анадолија вчера јави дека САД почнале активно да доставуваат оружје за единици на Партијата на демократската унија (ПУД) на сириските Курси, која Анкара ја обвинува за врски со Курдската работничка партија (ПКК).

Претходно, Ердоган изјави дека располага со докази за поддршка од страна на меѓународната антитерористичка коалиција за терористичите групации во Сирија, вклучувајќи ја и Исламска држава. 

Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу денеска потврди дека САД им доставувале оружје на вооружената група на сириските Курди, Силите за заштита на народот.

Тој ова го изјави како одговор на соопштението на американската Амбасада претходно во кое се наведува дека „САД не доставиле оружје или експлозиви за Силите за заштита на народот или на ПКК“.