Свет
17. September 2015 - 12:22

ЕП го поддржа предлогот за раселување на 120.000 мигранти

Европскиот Парламент денеска вонредно заседаваше во Брисел за да сe изјасни за предлогот на Европската комисија за раселување на 120.000 мигранти, јави БТА.

Предлогот беше поддржан со 372 гласа „за“, 134 беа против, а 52 европратеници беа воздржани.

Денешното гласање на европратениците има процедурален карактер и е неопходно пред новата вонредна средба на Советот на ЕУ за правосудство и внатрешни работи. Откако ја доби „визата“ на европратениците, планот за раселување на ЕК може да влезе во сила, доколку биде поддржан и од Советот на ЕУ.

Според процедурата, Советот на ЕУ ги прифаќа квотите предложени од ЕК доколку за планот гласаат 16 од 28-те членки. Комисијата повеќепати појаснуваше дека има за цел постигнување едногласност, како и дека е подготвена да отстапи од своето инсистирање квотите да бидат задолжителни.

- Хуманитарната криза може да се реши само доколку ги имаме предвид факторите што се надвор од  нашите граници, изјави при отворањето на заседанието на ЕП, неговиот претседател Мартин Шулц.

„Конфликтот во Сирија навлегува во својата петта година, а политичкото решение не се наѕира. Оние кои бегаат немаат дом и се избркани од насилството и сиромаштијата во нивната земја. Ако ние не успееме во иднина ќе имаме уште поголеми проблеми“, искоментира Шулц.

-Кризата ќе трае со години, пред нас се хуманитарни, политички и морални предизвици, изјави заменик претседателот на ЕК, Франс Тимерманс. „Ние не повикуваме границите насекаде да се отворат, туку бараме да го слушаме нашето срце“, додаде тој.