Свет
22. November 2017 - 0:00

Емерсон Мнангагва најави дека се враќа во Зимбабве

Поранешниот потпретседател на Зимбабве и наследник на Роберт Мугабе, Емерсон Мнангагва изјави дека се враќа во Зимбабве. 

- Сакам да го поздравам народот на Зимбабве за достигнувањето во овој историски миг. Заедно ќе обезбедиме мирна транзиција  за консолидирање на нашата демократија и ќе донесеме нов почеток за сите во Зимбабве и ќе создадеме мир и единство. Врајќајќи се во татковината, се радувам заедно со Вас, граѓаните на Зимбабве, за заедно да се соочиме со политичките и економските предизвици кои се пред нашето сакано Зимбабве, истакна Мнангава по оставката на Мугабе.

Мнангагва откако беше сменет од Мугабе во текот на месецот и пребега во Јужна Африка, истакнувајќи дека стравува за својот живот.

Претходно, секретарот на владејачката партија ЗАНУ-ПФ, Патрик Чинамаса изјави дека Мнангагва утре ќе положи заклетва како шеф на државата. Тој ќе остане на функцијата претседател на Зимбабве до изминувањето на мандатот на Мугабе. Следните избори треба да се одржат до септември 2018 година.

Претседателот на Зимбабве, Роберт Мугабе денеска поднесе оставка откако минатата недела беше ставен во домашен притвор откако армијата изврши пуч.

Роберт Мугабе


 

- Јас, Роберт Габриел Мугабе, врз основа на членот 96 од Уставот на Зимбабве, на овој начин официјално поднесувам оставка, која стапува на сила веднаш, се наведува во писмото кое го прочита претседателот на Парламентот Џекоб Муденда.

Во писмото уште се наведува дека оставката ја поднесува доброволно и оти на тој чекор се одлучил заради мирна транзиција на власта.

Зимбабве слави

Турбулентните настани денеска се одвиваа во атмосфера на масовни улични демонстрации во главниот град Хараре, вклучувајќи и пред Парламентот, каде што луѓето танцуваа и бараа пратениците да изгласаат импичмент за Мугабе.

Зимбабве слави

Некои демонстранти ставија негови портрети на улиците, за да можат автомобили да минуваат преку нив.

Мнангагва познат е како „Нгвенја“ (Крокодил) поради политичката лукавост и безобѕирност. Тој заедно со Мугабе, е еден од јунаците во борбата за независност во 70-те години, но и наводно еден од вмешаните во бруталното и крваво кршење на отпорот на племињата потоа. „Крокодилот“ негира дека учествувал во тие злосторства.