Свет
29. January 2021 - 14:48

ЕМА: Нема нови несакани ефекти кај вакцината на Фајзер

– Европската агенција за лекови (ЕМА) заклучува во својот прв извештај за безбедноста на вакцината против Ковид-19 на Фајзер/Бионтек дека досега собраните податоци за употребата на вакцината во ЕУ се во согласност со познатиот безбедносен профил и оти не се идентификувани нови несакани ефекти.

Извештајот на ЕМА не идентификува нови аспекти кога станува збор за сериозна алергиска реакција, што е познат несакан ефект на оваа вакцина, кој се јавува во приближно 11 од милион случаи во САД.

Во исто време, не е утврдена посебна грижа за безбедноста на вакцините кај изнемоштените стари лица.

Придобивките од вакцината во превенцијата на Ковид-19 сè уште ги надминуваат сите ризици и нема препорачани промени во врска со употребата на вакцината, заклучува ЕМА.

Се додава дека е познато дека најчестите несакани ефекти, кои повеќето вакцинирани луѓе дури и не ги чувствуваат, обично се благи или умерени и се подобруваат за неколку дена по вакцинирањето.

ЕМА нагласува дека безбедноста и ефикасноста на вакцината произведена од „Фајзер“ и „Бионтек“ ќе продолжи да се следи додека се користи во ЕУ и на глобално ниво, преку системот на ЕУ како дополнителни студии за производители и независни студии координирани од европските власти.