Фудбал
23. December 2019 - 11:04

Елмас донесе победа за Наполитанците

 

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас целосно ја искористи шансата која му ја пружи новиот тренер на Наполи, Џенаро Гатузо, постигнувајќи го победничкиот гол за 2:1 триумф на гости кај Сасуоло во 94. минута од мечот!

Гостувањето кај Сасуоло, тим кој нема пораз во последните четири меча, беше вистински тест за „изддржливоста“ на тимот на Гатузо против незгоден противник и на крајот останува јасно дека на „Сан Паоло“ им претстои голема работа.

Сасуоло дојде во водство по неполни половина час игра, кога Хамед Траоре ја спроведе топката во голот на Мерет по една висока и долга топка од Мануел Локатели. Нападите на Наполи останаа без резултат до 57. минута од мечот, кога Алан по една убава акција од работ на шестнаесетникот постигна прекрасен гол.

Гатузо му даде шанса на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас во последните 20 минути од мечот како замена за Фабијан Руиз, и интензитетот во нападот прво донесе пречка на Калехон во 78. минута, а потоа и поништен гол од офсајд на Шпанецот во 82. минута од мечот.

Сепак, трите поени отпатуваа во Неапол откако по корнер во претпоследната минута од судиското продолжение Елмас ја уфрли топката во мрежата на домаќините за големи три поени и за зголемување на самодовербата. Сепак, по разгледувањето на снимките, голот е „запишан“ како автогол на Обијанг, иако се гледа дека тие „заеднички“ ја туркаат топката во голот, Обијанг со нога, а Елмас со глава. За првиот официјален гол, Елмас ќе мора да почека.

Наполи се само осми во Серија А со 24 поени, додека Сасуоло се на 13. место на табелата со 19 поени.