Македонија
22. December 2016 - 15:30

Електронското испитување на јавното мислење за климатските промени

Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за развој на Обединетите Нации ги повикуваат граѓаните да учествуваат во електронското испитување на јавното мислење за климатските промени, кое се спроведува во рамките на проектот „Втор национален извештај за климатски промени“.

Своето мислење треба да го искажат пополнувајќи го е-прашалникот насловен „Дали ве засегаат климатските промени?“ што е достапен на линкот http://klimatskipromeni.mk/UNDP/SURVEY/index.html

Од Министерството информираат дека целта на ова ажурирано истражување е да покаже дали е променета свеста и дали сме подготвени да реагираме на климатските предизвици кои во последно време се се поголеми.

-Компаративната анализа на резултатите ќе помогне за понатамошен наменски пристап кон комуникацијата и активното учество на граѓанскиот и јавниот сектор и напредок на Република Македонија во исполнување на обврските поврзани со климатските промени кон меѓународната заедница, Парискиот договор и УНЦФЦЦ, истакнуваат од МЖСПП.

Резултати од истражувањето ќе бидат објавени на интернет страницата http://www.klimatskipromeni.mk/, а во меѓувреме на страната ќе може да се види како одговориле останатите испитаници на некои од прашањата на линкот кој ќе биде прикажан откако ќе ги дадете одговорите. Одговарањето на прашалникот одзема најмногу 10 минути.