Македонија
17. July 2019 - 16:11

Ел Чека со закани до Ахмети и Заев - Премиерот побара број да му каже дека ќе одговара

Две емотивни реакции- на Ахмети во Сарај и на Заев во владата предизвикаа бомбите кои Ел Чека со месеци ги објавува на фејсбук.

По вчерашниот говор на Ахмети во кој лидерот на ДУИ обвини дека не случајно се објавуваат само приватни разговори за ДУИ, денеска Заев остро му се закани на Ел Чека.

- Овој човек треба да одговара и кога тогаш ќе одговара, светот е глобално село и ќе одговара. Дали треба да го мотивирам и за мене да објави. Ќе одговара, еве и преку камери. Ќе одговара ова му е директно од премиерот, изјави Заев.

Ел Чека од Чикаго експресно му одговори на премиерот обвинувајќи го за вмешаност во последниот случај Рекет.

„Зоран Заев знам кој ти е проблемот . Неуспехот на организираниот криминал што го имаше со СЈО. Пропадна планот за рекетирање и уценување“, одговори преку Фејсбук. На говорот на Ахмети пак одговори со закани.

„Не остана Албанец кого ти не си навредил.  Ја задржа власта леејќи албанска крв. Но таа крв ќе те убие Антиќу. Се гледаме наскоро“, напиша Ел Чека.

Ахмети вчера од Сарај каде се избираше претседател на локалниот огранок на ДУИ обвини дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го девалвирале целиот процес на воведување на владеење нха правото и дека и случајот Рекет е продолжение на таа девалвација.

„Мене ми е жал за прислушкуваните разговори што се објавуваат за ДУИ. Јас не ги слушам тие разговори. Но, како не се случи да се објават приватни разговори за членови на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, туку само за членови на ДУИ? Каде се другите разговори? Зошто се објавуваат приватни разговори само од членови на ДУИ? Мислам дека нашиот народ „не јаде трева“! Што направија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ? Целиот процес го девалвираа. Дури и синоќешниот настан. И, ние со време ги опоменавме дека не сакаме селективна правда. Ние сакаме ВЕТИНГ“, изјави Али Ахмети.

Кон крајот на јуни кичевското обвинителство поднесе обвинение против Шеќерим Ахмети познат како Ел Чека за објавата на прислушувани разговори на социјалните мрежи. Најголем дел од разговорите се однесуваат на челниците на ДУИ. И премиерот и Катица Јанева се оградија за потеклото на новите бомби.

Иако властите се закануваат со одговорност за објавувањето на приватни разговори, до сега таква одговорност не понесе никој, иако разговори со приватна содржина на социјалните мрежи се појавуваат од 2015та година.