Бизнис
15. September 2020 - 21:19

Експертите и бизнис секторот со барања до Владата за да преживеат економски во пандемијата

До крајот на овој месец ќе бидат изгубени 25.000 работни места. Најновото истражување на Фајнанс Тинк покажува дека најпогодени сектори се производствто на текстил, облека, кожа, мебел, трговијата на големо, угостителството, туризмот.

Работодавачите пак, бараат Владата да побрза со пакетот мерки за помош на стопанството. Веќе два месеци компаниите не добиваат поддршка за зачувување на работните места, па работодавачите мораат или да отпуштаат работници или да земаат кредити за да исплатат плата.

Работодавачите сметаат дека и прагот за исплата на помош на компаниите кои имаат загуби од 30% треба да се промени и поддршка да добијат поголем број компании за да не се губат работни места.

Според Фајнанс Тинк, владината поддршка за зачувување на работните места треба да изнесува 14.934 денари по работник или колку една минимална плата. Да се однесува на најпогодените сектори за периодот од јули до декември. Вака димензионираната мерка би чинела 100 милиони евра. Но, со неа би биле опфатени 68.000 работници, а на работа би се вратиле 11.000 од отпуштените.  Со реализација на мерката би имало и дополнителен приход во Буџетот од даноци и придонеси во висина од најмалку 7,2 милиони евра.