Македонија
11. November 2016 - 19:46

Eкспертите анализираат- Со какви предизвици се соочува македонската економија во наредните 25 години?

Иднината на македонската економија е во поврзувањето на домашните компании со странските инвестиции во земјава. Идниот економски раст ќе се базира на инвестициите и продуктивноста. Земјава мора да создава работни места кои ќе бидат потребни во иднина. Занимањата поврзани со програмирање и инженерство ќе бидат се побарани, и ако не создаваме такви кадри ќе останемe надвор од четвртата индустриска револуција. Ова се некои од заклучоците на економските експерти на денешната конференција која е резиме на тоа што научивме во изминативе 25 години и какви економски политики и се потребни на Македонија во следните 25 години.

Државата треба да усвои економски модел со кој на среден и долг рок ќе може да ги поврзе домашните компании со странските инвеститори. Тие мора да го искористат нивното присуство во земјава и да ги подобрат своите производствени капацитети, смета универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Според експертите потребни се итни реформи во образованието, со кои идните генерации ќе можат да одговорат на технолошките предизвици. Фокусот треба да биде на создавањето на нови иновативни сектори.

За 25 години земјава кумулативно го има зголемено БДП за 60 отсто.  Македонија денес со БДП по глава на жител е 32 отсто од просекот на ЕУ. За споредба Романија и Бугарија со 38 отсто имале најнизок БДП кога се примени во Унијата  

Професорката од „Американ колеџ“, Никица Мојсовска-Блажевски, истакна дека се потребни реформи во образованието кои ќе одговараат на технолошката револуција што се случува во модерните општества, за да се создаваат иновативни сектори.

– Шеесет и пет проценти од децата кои се запишуваат во основно училиште во иднина ќе работат на работни места кои во овој момент не постојат – изјави Мојосовска-Блажевски.