Свет
4. October 2021 - 8:20

Експерти: Поради делта варијантата можеби ќе треба 90 проценти од луѓето да се вакцинираат

Повеќе претставници на здравствените власти во САД сметаат дека стапката на вакцинација ќе треба да достигне 90 проценти или повеќе за да се постигне оптимално ниво на заштита од Ковид-19.

Присуството на делта варијанта на вирусот дополнително ја зголеми потребата луѓето да се вакцинираат, изјавија функционери за USA Today во извештај објавен вчера.

– Она што го научивме од делтата и гледаме зад делтата е … дека постигнувањето на вистинското ниво на заштита за населението бара да биде 90 проценти, рече Том Мекарти од Одделот за здравство на Род Ајленд.

Слично мислење има и доктор Ерик Топол од истражувачката група Скрипс.

– Сега ни требаат 85 до 90 проценти вакцинирани против делтата, рече Топол за USA Today.

Доктор Ентони Фаучи, водечкиот американски експерт за заразни болести, во мај рече дека уште еден бран на инфекција на есен може да се спречи доколку до 4 јули се вакцинираат 70 проценти од населението.

Околу 56,5 проценти од населението во САД е целосно вакцинирано против Ковид-19, покажуваат статистичките податоци на Универзитетот Џонс Хопкинс. Повеќе од 185 милиони Американци се вакцинирани со двете дози.

Повеќе од 12 милиони луѓе во Њујорк се вакцинирани со две дози, што е околу 63,74 проценти од населението.

Во моментов, сите Американци постари од 12 години можат да се вакцинираат.