Бизнис
25. May 2022 - 16:30

Економските последици од војната во Украина главна тема на Форумот во Давос

Тешка зима им се заканува и на најразвиените земји во светот. 

Војната во Украина и последиците од неа, силно се чувствуваат. Лидерите на моќните држави бараат начин како да обезбедат храна и енергенси, но и да го задржат растот на економиите во своите земји. 

Во фокусот на Светскиот Економски форум,  моќниците со поддршка за Украина, но загрижени за иднината. Дали ќе биде доволно само каматите да се зголемат или ќе треба и царините да се намалат,  се дабатира во Давос. 

-Сите зборуваат за 3 елементи. Како да се обезбеди храна, јаглен, односно нафта и како да се спречи растечката инфлација. Она што беше приоритет изминатите години – зелената агенда – повеќе не е, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ. 

Додека се чека прием на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија, српскиот престедател Вучиќ им порача дека популарноста им паѓа, не само во неговата земја, туку и во Македонија. Според него вината не може да се бара само во нас, туку и во некои држави членки на Унијата. 

Вели дека иницијативата Отворен Балкан функционира совршено, соработката меѓу Македонија, Албанија и Србија никогаш не била подобра. Ја покани и Црна Гора да се приклучи. 

Зад затворени врати лидерите од Западниот Балкан – покрај претседателите на Македонија и Србија, Пендаровски и Вучиќ, присуствуваат и премиерите  на Грција, Хрватска, Црна Гора и Косово – Мицотакис, Пленковиќ, Абазовиќ и Курти, кои отврдија дека сакаат поголема соработка. 

На утринскиот заеднички појадок, разговарале за важноста на стабилноста на Западниот Балкан, како и за безбедното снабдување со енергија во регионот. На форумот нема претставници од Босна и Херцеговина.