Балкан
14. February 2017 - 10:41

Економски уцени во Србија

Неопходен ни е широк општествен консензус околу новата економска политика и план за развој, со кој граѓаните би се извлекле од маѓепсаниот круг на сиромаштија и зависноста од извршната власт.

Во јавноста на големо се зборува дека во нашето општество е исклучително зголемено нивото на агресивноста во последните години, но не се објаснува доволно феноменот на економското насилство, како нејзин најперфиден и најпогубен вид.

Економското насилство во Србија се состои во држењето на граѓаните во незавидна и несигурна економска состојба за тие полесно да се контролираат и насочуваат во саканиот правец. Во докажувањето на оваа теза, ќе почнам од нај основните работи.

Која е целта и резултатот на официјалната економска политика? 
Таа политика целосно е насочена кон постигнување во макроекономската стабилност, но стабилност остварена на минимално ниво на животниот стандард и јавните услуги. Кога ќе ги погледнеме главните параметри, ќе видиме дека целта на официјалната политика главно се сведува на буџетски суфицит, додека ги нема ниту се очекуваат сериозни промени во поглед на реалното зголемување на вработеноста, растот на стандардот или економскиот раст.

Формалниот пад на невработеноста не се остварува со зголеменото ниво на инвестициите или со ставање во погон не неискористените стопански потенцијали, туку преку одлив на работно способните луѓе од земјата и вработување на партиски кадри во јавниот сектор. Тоа го објаснува фактот дека номинално бележиме пад на невработеноста, наспроти константно немање на посериозен раст на општествениот производ. Во превод, луѓето се вработуваат, но на непроизводни места, или уште полошо надвор од Србија.

Просечната плата е пониска од тоа што јавно се соопштува, бидејќи нашиот систем не ги пресметува платите во малите и средните претпријатија, како ни тие кај претприемачите. Кога ќе ги исклучиме странците кои за големи дневници работат тука, гледаме дека стандардот на нашите граѓани е исклучително низок и не бележи подобрување.

Несигурноста се продлабочува. Со измените на Законот за труд во 2014 година олеснета е можноста за давање на откази без конкретна причина и оневозможена е соодветна правна заштита на вработените. Странските инвеститори со благослов на владата нудат претежно договори на ограничено работно време, додека во јавниот сектор многу функционери и директори поставени како вршители на должности, се во очекување на дефинитивен амин на владата. Познати се и случаи на доценти и вонредни професори кои поради партиската неподобност не се избираат во редовни професори со цел директно да им се ограничи слободата на говорот.

Поради што ги прават овие работи и која е последицата од таквата политика?

Последицата е дека и покрај пофалбите на меѓународните финансиски институции граѓаните остануваат вкопани во сиромаштија и неизвесност, најчесто без постојана работа и со несоодветни плати, ако воопшто ги имаат. Со тоа не само што им е загрозен елементарниот квалитет на животот, туку се доведени во однос на апсолутна зависност од извршната власт.

Имено, ако на граѓаните им е оневозможено самостојно да остварат материјална безбедност и финансиска независност, тогаш тие зависат од добрата волја на партијата на власт и се принудени да тргуваат со својата слобода, достоинство и мислење, само за да преживеат. Партијата на власт таа егзистенција ја обезбедува преку партиско вработување, преку партиско лечење или партиска социјална помош (дрва за огрев, концентрат, брашно, итн.).

Системот во кој егзистенцијата зависи од хировите на поединците на власт, а не од личните заслуги на граѓаните, е систем кој слободните луѓе ги претвора во робови, а еманципираните луѓе во зависни лица. Во таков систем нема вистинска демократија, ниту здрава политичка и пазарна трка.

Нашите актуелни водачи, во голема мера дојдоа на власт во оправданиот гнев на „губитниците на транзицијата” и обесправените работници, но не прават ништо за да го унапредат нивниот статус. Напротив, впечаток е дека им одговара фактот дека обновата на средната класа и синдикалното здружување не ни почнала.

Наведениот гнев и понатаму го насочуваат кон своите претходници, или едноставно, чекаат да помине време и народот да изгуби енергија и понатаму да се буни и да ги бара вистинските промени.

Парадоксот е уште толку поголем што денешните водачи ангажираа некои од најомразените луѓе од претходните власти и тоа тие кои имаа значајна улога во процесите на приватизацијата, додека и понатаму грмат „против ДОС” и го свртуваат вниманието од фактот дека веќе пет години имаат непречена власт во земјата.

Многу показатели зборуваат во прилог на тоа дека власта всушност воопшто не ја интересира развојот на земјата и еманципираните луѓе и дека им одговара оваа своевидна „в.д. состојба” во која се наоѓа целата земја. Во ваква состојба, на Србија и е неопходен широк општествен консензус околу новата економска политика и план за развој, со кој граѓаните ќе се извлечат од сиромаштијата и зависноста од извршната власт. Повеќе никогаш не треба да се најдеме во позиција луѓето да се плашат од инструкциите на партиските функционери и да се принудени буквално на пазар да го продаваат своето гласачко право.

Политика – Белград