Свет
27. October 2017 - 10:35

„Економист“: Царот е роден, а царот е Путин

Во последниот број на „Економист“, чија главна тема е стота годишнина од Октомвриската револуција, ќе излезе со рускиот претседател Владимир Путин на насловната страница.

Во тој број, британскиот весник го претставува рускиот претседател, еден век после падот на царството и поставувањето на темелите за формирање на Советскиот сојуз, како цар.

Седумнаесет години откако Владимир Путин првпат стана претседател, неговото влијание во Русија е посилно од кога било. Западот, кој се уште ја гледа Русија по постсоветски услови, понекогаш го рангира како најмоќен лидер на неговата земја после Сталин. И либералните реформатори и конзервативните традиционалисти во Москва зборуваат за Путин како за цар од 21 век.

Путин ја освои оваа титула со извлекувањето на својата земја од она што, мнозинството Руси, го квалификуваат како хаос во 90-тите години и со тоа што земјата повторно се етаблираше во светот. Сепак, со приближувањето на стогодишнината од Октомвриската револуција, се појави мислењето дека Путин ги споделува и слабостите на царевите, пишува „Економист“.

Таквото мислење доаѓа оттаму што од пролет 2018 година, кога Путин ќе го започне неговиот уставно  последен шестгодишен мандат по изборите на кои тој сигурно ќе победи, ќе почнат шпекулации за тоа што следува потоа. И стравот ќе се зголемува поради тоа што, како и другите руски владетели, царот Владимир ќе замине со турбуленции и превирања, наведува британскиот весник.

Путин не е единствениот автократ во светот. Персонализираното авторитарно владеење се шири низ светот во текот на изминатите 15 години - честопати, како и во случајот со Путин, изградено врз кревката основа на манипулирана, победникот добива се - демократија. Тоа е укор на либералниот триумфализам што следеше по распадот на Советскиот Сојуз. Лидерите како што се Реџеп Тајип Ердоган од Турција, покојниот Уго Чавез од Венецуела, па дури и Нарендра Моди, премиерот на Индија, се однесуваа како да уживаат специјален авторитет што произлегува директно од волјата на народот. Во Кина Си Џинпинг, оваа недела ја формализираше својата апсолутна команда на Комунистичката партија, анализира „Економист“

Како цар, Путин прави пирамида на покровителство. Со оглед на тоа дека направи чекор против олигарсите во 2001 година, преземајќи ја прво контролата врз медиумите, а потоа и врз нафтените и гасните гиганти, целиот пристап до моќ и пари оди преку него.

Тој ја маскира својата моќ во законска постапка, но секој знае дека обвинителите и судовите му одговараат нему лично. Тој ужива рејтинг кај народот од над 80 отсто, делумно затоа што ги убеди Русите дека „Ако го нема Путин, ќе ја нема ни Русија“, наведува британскиот неделник.

На тенденциите за приближување на Москва кон западните вредности, одговорот на Путин беше да ја довери економијата на либералните технократи и политиката на поранешните офицери на КГБ. Неизбежно, политиката доминираше во економијата и Русија ја плаќа цената. И покрај доброто администрирање за време на санкциите и девалвацијата на рубљата, економијата се   уште премногу зависи од природните ресурси. 

И повторно како царевите, Путин ја обезбедува својата моќ преку репресија и воен конфликт. Дома, во името на стабилноста, традицијата и православната религија, тој ја потисна политичката опозиција и социјалните либерали, вклучувајќи ги и феминистките, невладините организации и хомосексуалците.

Во странство, неговата анексија на Крим и кампањите во Сирија и Украина блескаат во вечерните вести во заробените, триумфалистичките медиуми. Колку и да е оправдано, вознемиреноста на Западот од неговите акции, им покажа на Русите дека Путин, повторно ја потврдил силата на нивната земја по понижувањата од 90-тите.

Бидејќи денешниот цар ја знае историјата, веројатно ќе биде опортунистички настроен во странство, наместо да ризикува вистинска конфронтација. Ситуацијата дома е поинаква. Во своето време на власт, Путин покажа мал апетит за сурова репресија. Меѓутоа, руската историја на страшно страдање кога се потценува  легитимитетот на владетелот, сугерира дека масовната репресија може да зајакне - барем за некое време. Рускиот народ се уште има нешто од што треба да се плаши, пишува „Економист“.

Прогнозирајќи што ќе се случува по завршувањето на мандатот на Путин, „Економист“ наведува дека Путин не може добие наследник по крвна линија или со помош на апаратот на Комунистичката партија. Можеби ќе именува наследник. Но, тој некој, ќе треба да е доволно слаб за да може да го контролира и доволно силен за да се соочи ривалите - неверојатна комбинација.

Без механизам на вистинска демократија за легитимирање на некој нов, следниот лидер веројатно ќе произлезе од борбата за власт која би можела да почне да ја распарчува Русија. Во држава со нуклеарно оружје, тоа е алармантно.

Колку е посилен Путин денес, толку потешко ќе најде некој наследник, со кој ќе може да управува. Бидејќи светот се обидува да живее со тој парадокс, треба да запомни дека ништо не е запишано во камен, односно ништо не е непроменливо. Пред еден век Болшевичката револуција се сметаше за поддршка на детерминизмот на Маркс. Тој случај, докажа дека ништо не е сигурно и дека историјата има своја трагична иронија, наведува „Економист“ во својот текст по повод стогодишнината од Октомвристаата револуција.