Свет
13. December 2015 - 13:08

Економијата на бегалската криза

По терористичките напади во Париз објавени се многу текстови за сириските бегалци и можноста заедно со 10.000 раселени, колку што администрацијата на Обама е подготвена да прифати во текот на идната година, во САД стигнуваат џихадисти поврзани со ИД.

Темата за имиграцијата се испитува од разни страни, но има малку текстови кои ја разгледуваат економската страна на проблемот. Повеќе аргументи одат во прилог на предлогот за населување на бегалците во САД, меѓу другото и тоа што претседателот Обама, во одговорот до гувернерите кои најавија дека ќе одбијат да ги прифатат сириските бегалци, го опиша како „наши вредности‟.

Од финансиска перспектива, нема сомнеж дека САД имаат капацитет да примат многу поголем број бегалци и дека долгорочните ефекти на таквата политика би биле позитивни. 

Да појдеме од тоа што е очигледно: по раселувањето на седум милиони Сиријци поради воените дејствија, многу земји кои се далеку помали од САД примија и повеќе од нашите најавени 10.000. Од 2012 година ЕУ прифати околу 1,9 милиони азиланти. Дури и таа бројка избледува во споредба со бројните Сиријци кои побараа азил во својата околина. Според податоците на ОН, Турција примила околу 2,2 милиони, Либан 1,1 милион, а Јордан 630.000 бегалци.

Врз основа на тие податоци, може да е очекува економијата на тие земји да падне под товарот на имигрантите, но тоа не е случај. Според новиот извештај на Организацијата за европска безбедност и соработка, се очекува турската економија оваа година да оствари раст од три, а следната дури четири отсто.

Светска банка проценува раст на економијата на Либан од два отсто за оваа и над три отсто за идната година. Наспроти приливот на бегалци, кои сега се над 10 отсто од населението на Јордан, јорданската економија исто така расте. ММФ објави дека растот на БДП во Јордан оваа година ќе изнесува околу три отсто.

Податоците покажуваат дека земјите кои примаат голем број бегалци поради тоа не трпат значителни економски последици. Главните предизвици се социјални и политички, а не економски. Секако, приемот, сместувањето и исхраната на бегалците чини пари, но дури ни во Турција која прими повеќе бегалци од која било друга земја, тоа не беше непремостлив проблем.

Во блогот објавен во септември, Масимилијано Кали и Самиа Секарие од Светската банка констатираат: „Откако почна бегалската криза, турската Влада потроши речиси 5,37 милијарди евра сопствени средства, што е многу пари, но нема индикации дека тој трошок ја загрозува нејзината фискална стабилност‟. Тоа не е изненадување. Годишниот БДП на Турција изнесува околу 800 милијарди долари.

Една и пол милијарда, колку што годишно се издвојува за потребите за сместувањето на бегалците, изнесува помалку од 0,2 отсто од БДП.

Во Либан, кој е многу помал од Турција, трошоците за бегалската криза изразени како процент на БДП се поголеми, но добар дел од трошоците е покриен од странски донации. Всушност, истражувањето кое неодамна беше објавено под покровителство на ОН покажува дека донациите за помош на бегалците придонеле за раст на БДП за над еден отсто. (Од друга страна, војната во соседна Сирија го погоди туризмот, важен извор на приходи за Либан. Според проценката на ОН кризата во Сирија предизвикала пад на БДП во Либан од околу 0,3 отсто).

Уште една причина за загриженост која во последните месеци често се спомнува во врска со големиот прилив на бегалци, посебно во Европа, е можноста бегалците да ги заземат работните места и да ја намалат цената на трудот. Искуството од сириската криза покажува дека тоа е можно, но ефектите не се големи.

Во многу случаи бегалците прифаќаат работи кои домашното население не ги сака. Исто така покренуваат сопствени фирми и ја зголемуваат побарувачката за локални компании. Бидејќи голем број бегалци во Либан и Јордан се уште се во привремени кампови, најрелевантен пример во тој поглед е состојбата во Турција. Центарот за блискоисточни стратешки студии во Анкара оваа година објави резултати од деталното истражување за тоа како приливот на бегалци од Сирија влијаел на Турција.

Во извештајот се вели дека бегалската криза предизвикала економски тензии на југот на земјата, каде многу Сиријци илегално работат во сивата економија. Цената на наменините порасна, поради што е се потешко да се најде стан по прифатлива цена.

- Компаниите кои ангажираат илегална работна сила се поконкуретни од тие кои не го прават тоа, пишува во извештајот. - Локалното население верува дека така ги губи работните места. Сепак, кога ги истражиле тие наводи, авторите на извештајот утврдиле дека „Сиријците обично работат на места кои локалното население не ги сака. Сиријците всушност ја задоволуваат потребата за неквалификувана работна сила‟.

Но, сите имигранти не се неквалификувана работна сила. Една друга студија, која ја објави Сонер Чагаптај, истражувач во Институтот за блискоисточната политика во Вашингтон, покажа дека многу сириски трговци од градовите како што е Алепо, кој во граѓанската војна е целосно разрушен, ги преселиле своите фирми во градови во јужна Турција и така ја поттикнале локалната економија. Во основа „турскиот деловен свет и извозниот пазар многу добро ја поднесоа сириската криза‟, смета Чагаптај.

Дури и ако САД примат повеќе бегалци од Сирија, тоа и натаму ќе биде незначителен број во споредба со Блискиот Исток и Европа. Хилари Клинтон и Мартин О’Мајли предложија досега најголем број од 65.000 доселеници во следните пет години. Како што потенцира О’Мајли во последната дебата на претседателските кандидати на Демократската партија, „доаѓањето на 65.000 бегалци во земја од 320 милиони... тоа е како да правите место за уште 6,5 луѓе на стадион за 32.000 гледачи.

Во американската историја постои релативно свеж пример на доселување и успешна асимилација на многу поголем број на луѓе. По падот на прозападниот режим во Сајгон во 1975 и 1976 година околу 150.000 Виетнамци беа примени во бегалски центри во Арканзас, Калифорнија, Флорида и Пенсилванија.

Кон крајот на 70-те и почетокот на 80-те години, кога флоти со очајни „луѓе во чамци‟ запловија од Виетнам, САД примија стотици илјади бегалци. (До 1995 година стигнаа околу половина милион).

И тогаш политиката на отворени врати наидуваше на остри критики. (Во испитувањето на јавното мислење од 1975 година, само 36 отсто Американци сметале дека треба да се примат бегалците). Противењето било образложено со вообичаените контрадикторни ставови дека бегалците ќе ги заземат работните места, иако многу од нив не зборуваат англиски и дека трајно ќе ја оптоварат економијата на земјата.

По неколку децении се покажа дека тој страв бил неоснован.

Денес во Америка живеат речиси 1,9 милиони Американци со виетнамско потекло, од тие над половина се во Калифорнија и Тексас. Иако статистиката покажува дека тие економски не се успешни како имигрантите од некои други азиски земји, на пример од Кореја или Кина, тие сосема солидно заработуваат.

Всушност, статистичкиот профит кој го состави Центарот за американски прогрес од Вашингтон, покажува дека според економските параметри тие се над просечно американско домаќинство. Просечен годишен приход на американско домаќинство со виетнамско потекло изнесува околу 59.000 долари, додека националниот просек е 53.000 долари. Нивното учество во работната сила исто така е над националниот просек: 64,9 отсто во 2014, додека за нацијата во целина тој број е 64,3 отсто.

Стапката на невработеност во оваа популација исто така е пониска од националниот просек. Сепак, постојат и одредени проблеми: Американците со виетнамско потекло се уште најчесто живеат во издвоени заедници, што е пракса која обично се врзува за ниско ниво на општествена мобилност. Речиси половина од нив се уште не го зборат добро англискиот јазик. Но, тоа очигледно не ги спречило да се вклучат во американската економија и да придонесат за нејзиниот раст. 

Истражувачкиот центар „Пју Рисрч“ покажа дека оваа популација ги прифаќа американските економски идеали. Дури 84 отсто од Американците со виетнамско потекло веруваат дека многу луѓе кои напорно работат ќе бидат успешни, а половина од нив очекуваат дека животниот стандард на нивните деца ќе биде „значително подобар‟ од нивниот.

Ако администрацијата на САД одлучи да прими десетици или дури стотици илјади бегалци од Сирија, тие можат да го повторат искуството од виетнамските имигранти, а можеби и да го надминат. За разлика од првите виетнамски доселеници, бегалците од Сирија доаѓаат во земја во која, според проценките на Пописното биро, веќе живеат 150.000 нивни сонародници. Сириската популација во САД е етнички и верски разнородна, но самото нејзино присуство овозможува социјални и економски мрежи кои ќе ја олеснат асимилацијата на новите придојдени луѓе.

Многумина веќе потсетија дека Стив Џобс бил син на сириски имигрант кој мајката на Стив ја запознал на Универзитетот во Висконсин. Никој не може да ни гарантира нов Стив Џобс ако постапиме човечки и помогнеме за решение на оваа хуманитарна криза. Но, бидете сигурни дека сириските бегалци ќе најдат начин да ни се оддолжат за оваа услуга.

Њујоркер - Њујорк