Македонија
25. July 2017 - 14:19

„Еко- живот“ од Кавадарци во меѓународен проект за заштита на животната средина

Регионалното еколошко друштво „Еко-живот“ од Кавадарци беше дел од меѓународен проект за заштита на животната средина.

Претседателот на друштвото Роберто Паризов денеска појасни дека овој еколошки центар на проектот соработувал со програмата „Еразмус+“ од Романија.

- Оваа еколошка организација и член на Друштвото на екологистите на Македонија, во рамките на проектот, со свои претставници учествуваше и на меѓународниот семинар за зачувување и унапредување на човековата околина кој деновиве се одржа во Романија, рече Паризов. 

Владимир Маневски, еден од основачите на друштвото и координатор истакна дека главниот акцент на семинарот бил „редуцирање, реупотреба, рециклирање”.

- Едукацијата од страна на предавачите беше со примена на видео материјали, интерактивна настава, како и настава во природа. Исто така во рамки на семинарот беа организирани и работилници, на кои учесниците практично ги запознаваа начините за реупотреба на веќе претходно користените добра. Целта на семинарот беше подигање на јавната свест и пренесување на искуства како да се редуцира употребата на природните ресурси, реупотреба на искористените добра, како и рециклирање на претходно селектираниот отпад, рече Маневски. 

Здобиените искуства, додаде, екологистите како главен двигател, ќе ги пренесат на пошироката јавност, посебно на помладите генерации.