Македонија
18. December 2017 - 10:23

„Екатимерини“: Нимиц оптимист, но пречките демнат

Договорот за решавање на  спорoт за името меѓу Атина и Скопје би можел да се случи до средината на наредната година. Самитите на ЕУ во јуни и на НАТО во почетокот на јули се неформалната рамка за надминување на долгогодишниот ќор-сокак, објавува денеска „Екатимерини“ во текстот „Нимиц оптимист, но пречките демнат“.

Во Обединетите нации, пренесува МИА, со оптимизам се гледа на обновените разговори меѓу двете земји. И самиот Нимиц охрабрен од последните случувања во процесот изрази оптимизам дека проблемот конечно може да се реши. Сепак, се очекува тој да работи внимателно. Нимиц во оваа фаза нема да предложи конкретен предлог. Кога ќе реши да го направи тоа, најверојатно ќе предложи сложено име со географска одредница. Неговиот последен предлог „Република Северна Македонија“ е се уште на маса, а тука се и претходните предлози „Република Горна Македонија“ и „Република Вардарска Македонија“, наведува „Екатимерини“.

Најголем проблем може да биде употребата на новото име. Атина инсистира на име за севкупна употреба. Скопје, пак, сака договореното име да се користи само во билатералните односи. Сепак, како што се нагласува, меѓународните фактори сфаќаат дека сложеното име што треба да биде договорено ќе се користи за меѓународна употреба. Вашингтон и другите клучни меѓународни фактори кажаа дека ќе прифатат какво било име што ќе го договорат двете страни.

Во оваа фаза Нимиц, според „Екатимерини, работи на отстранување на т.н. црвени линии. Симболичните гестови како што се промена на името на Скопскиот аеродром се очекува да придонесат за подобрување на климата во разговорите. Нимиц, посочува „Екатимерини“ е охрабрен и од реализмот и решеноста на новиот македонски премиер Зоран Заев кој рече дека е подготвен за храбри политички одлуки кои на земјата ќе и ги отворат вратите за членство во НАТО и ЕУ, дури и ако тоа значи пораз на следните избори.

Нимиц, се нагласува во текстот, има поддршка и помош и од САД и ЕУ. Се очекува тој да го забрза процесот преку организирање средби на министерско, како и на премиерско ниво.

Имајќи предвид дека спорот за името е деликатно и за двете земји, медијаторот големо значење дава и на реакциите на јавноста. Поради тоа, вниманието не е насочено само кон владите, туку и кон опозициите. Нимиц е свесен за политичката реалност во двете земји. Што се однесува до Грција постои загриженост за ставот на помалиот коалициски партнер десничарската партија Независни Грци. Постои загриженост и за можната реакција на опозициската Нова демократија кои засега јасно не кажуваат дали ќе дадат поддршка за евентуалното решение. Во Македонија, пак, главната главоболка е опозициската десничарска ВМРО-ДПМНЕ. Оставката на долгогодишниот лидер на партијата Никола Груевски предизвика надеж, но најмногу ќе зависи од тоа кој ќе го наследи како шеф на партијата. Неодамнешните коментари на Заев дека добива позитивни сигнали од опозицијата создаваат оптимизам, но се уште е премногу рано да се даде конечен заклучок како ќе се движат работите, пишува „Екатимерини“.