Македонија
12. March 2021 - 13:58

ЕК: Македонија нѐ информираше дека не ги исполнува критериумите за Солидарниот фонд

 Од Европската Комисија за МИА објаснуваат зошто Македонија е единствена земја што не доби парче од колачот на Солидарниот фонд за пандемијата, јави дописничката.

Од портпаролската служба на Европската Комисија за МИА детално ги образложија условите за аплицирање за помош од Солидарниот фонд на ЕУ.

Како што пренесоа и македонските институции, помошта од овој Фонд се активираше минатата година поради здравствената криза од Ковид-19, со услов товарот од кризата врз буџетот да изнесува над 0,3 отсто од бруто националниот приход.

Рокот за пријавување бил 24 јуни 2020, а Фондот бил отворен за земјите-членки и четирите земји кои имаат зелено светло за преговори со ЕУ или веќе преговараат со ЕУ, односно Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија.

Службите на Европската Комисија, велат оттаму, внимателно ги разгледале барањата за да утврдат дали ги исполнуваат условите, дали се веродостојни пријавените расходи како и директната поврзаност со здравствената криза.

-Што се однесува до Солидарниот фонд, Комисијата и Македонија беа во контакт минатата година, но Македонија ја информираше Комисијата дека во тој момент нема доволно расходи да пријави за да го постигне прагот предвиден од страна на регулативата на Солидарниот фонд, велат официјално од ЕК.

Сепак оттаму нагласуваат дека од почетокот на кризата дадена и е значајна помош на Македонија за борбата против Ковид-19.

-Комисијата даде 226 милиони за да ги покрие медицинските опреми, да ги поддржи ранливите групи, бизнисите и невработените, како и макрофинансиска асистенција, нагласуваат од ЕК.

Македонија може да смета и на дел од достапните 70 милиони евра за Западниот Балкан како девет милијарди од Економскиот и инвестициски план на Европската Комисија за регионот.