Свет
19. May 2016 - 8:28

Египетски патнички авион исчезна над источниот Медитеран

Патнички авион на компанијата „Иџипт Ер“ со 66 патници и членови на екипажот минатата ноќ исчезна од радарите над источниот Медитеран.

Компанијата „Иџипт Ер“ соопшти дека авионот од типот „Ербас А320“ синоќа во 23.09 часот полетал од Париз на редовен лет кон Каиро, по што исчезнал од радарите во 01.45 часот, откако навлегол во воздушниот простор на Египет, каде прелетал 16 километри. 

Претходно, ТАСС јави дека авионот изчезнал над териториите на Грција или Турција, посочувајќи дека има противречни информации околу точната локација. Така, телевиизјата Ал Арабија јави дека пилотот на авионот последно бил во контакт со контролата на летање во Атина, додека египетскиот сајт Ал Јаум ал Сабија информира дека неговиот последен контакт бил со турски диспечери.

Некои медими јавија дека пред исчезнувањето на леталото членовите на екипажот алармирале за појава на чад од под пилотската кабина на леталото, но засега нема потврда за ваквите информации.

Египетскиот весник „Ал Ахрам“ пак јавува дека членовите на екипажот на авионот не дале никакво сигнал за проблем во леталото, посочувајќи дека последниот директен контакт на диспечерите со пилотот бил остварен 10 минити пред исчезнувањето,.

Во време на исчезнувањето, авионот се наоѓал на височина од 11.000 метри. Компанијата „Иџипт Ер“ соопшти дека во леталото имало 56 патници и 10 членови на екипажот. Меѓу патниците има најмалку 30 Египќани, 15 Французи и еден Британец.

Египетското Воено воздухопловство утрово соопшти дека негови и грчки воени авиони започнале потрага по исчезнатиот „Ербас“.

Воздухопловните власти на Египет посочија дека авионот најверојатно се урнал во водите на Средоземното Море, но како што јави Скај Њуз Арабија, оваа инфорамација засега не е официјално потврдена.

Грчкото Министерство за информации соопшти дека се проверува информацијата на еден капетан на брод, кој пријавил дека видел „пламен во воздухот“ на околу 130 морски милји од осторовот Карпатос.