Македонија
15. May 2019 - 16:08

Еднодневно бебе оставено во парк во Топанско поле

Бебе без облека вчера било оставено во тревник во Топанско Поле. Најверојатно мајката само што го родила го напуштила.

Новороденчето било оставено во паркот до булеварот Македонско Косовска Бригада. До него била и папочната врвка. Бебето како плаче го забележал случаен минувач кој веднаш повикал Брза Помош.

Повикот во службата го добиле околу 11 часот и нивна екипа се упатила на лице место.

-Веднаш интервениравме и пруживме неопходна помош, изјави д-р Милица Бубало, раководител на службата за Итна медицинска помош.

Со Возило на Брза помош бебето било префрлено на Клиниката за детски болести.

-Се работи за машко новородено, со родилна тежина 2400 гр , згрижено е на одделот за неонатологија, неговата здравствена состојба е добра, превземени се сите неопходни мерки  во вакви случаеви, вели во писмена изјава директорката на Детската клиника Проф.д-р Катарина Ставриќ.

На случајот работат и во скопскиот Центар за социјални работи.

-Подготвуваме документи и матичен број на детето за да може понатаму да се посвои, изјави Наташа Станоевиќ, директорката на Центарот за социјална работа – Скопје.

Од МВР информираа дека работат на откривање на идентитетот на мајката и зошто го оставила новороденчето во паркот.