Балкан
11. April 2017 - 21:55

Еди Рама: Во Албанија нема криза

Албанскиот премиер Еди Рама ги оцени како неточни тврдењата на опозициската Демократска партија, дека Албанија е во криза, јави денеска АТА.

- Во Албанија нема криза, изјави Рама во телевизиско интервју.

Интервјуто на Рама следи по вчерашната средба на лидерите на албанските опозициски партии, на која тие донесоа конечна одлука да не учествуваат на парламентарните избори закажани за 18 јуни, за кои крајниот рок за регистрација истече синоќа на полноќ.

Коментирајќи ја ваквата одлука, Рама рече дека народот има право да реши кој ќе управува со земјата во следните четири години, нагласувајќи дека со опозицијата единствено може да разговара за законската рамка за изборите.

Опозицијата уште претходно најави дека ќе ги бојкотира изборите доколку Владата на Рама не поднесе оставка и не биде формиран технички кабинет за спорведување на изборниот процес. 

- Опозицијата е душата на слободата и се додека има слобода ќе има и опозиција, рече Рама во интервјуто.

Тој изрази надеж дека сепак сите политички сили ќе учествуваат на изборите и покрај сегашните ставови.

- Ние сме во процес на историски реформи. Реформата на правосудсвото е од клучна важност. Сега сме на патот да ја решиме иднината на Албанија и затоа ќе има избори, незавиосно од тоа кој што зборува, рече Рама.