Македонија
29. September 2020 - 14:33

Еди Рама претстави област на Шар Планина како дел од Албанија

Планинари од Тетово ја алармираа јавноста и министерствата дека фотографија од втората када на Кривошијска река во месноста Лешница на Шар Планина се претствува дека е дел од Албанија на објава на Фејсбук профилот на албанскиот премиер Еди Рама.

На социјалната мрежа Рама објавил фотографија од планински водопад со хаштаг „прекрасна Албанија“ и „Кањон Лешница“ (#BeautifulAlbania, #KanioniLeshnicës).

На објавата до 13:30 часот има околу 400 коментари во кои главно се забележува на тоа што Рама убавина на Македонија ја прикажува како убавина во неговата земја и се укажува дека тоа е негова катастрофална грешка. Има и коментари со навреди, но и такви на кои пишува дека Лешница била е и секогаш ќе биде Албанија.

Планинарот Бошко Видоески сподели негови фотографии од Шарска Лешница и вели дека тоа не е во Албанија, туку дека стануав збор за една од т.н. Кривошијски Кади на Кривошијска Река во месноста Лешница, едно од најпосетуваните места на Шар Палнина.

– Еди Рама најверојатно не знае дека фотографијата што ја објавил не е кањонот на Лешница во Албанија, туку е водопадот на т.н. втора када на Кривошијска Река пред нејзиниот влив во реката Пена и се наоѓаат на македонскиот дел од Шар Планина, а не во Албанија. Јас никогаш не сум бил во Албанија ниту во тамошниот локалитет Лешница за да направам фотографија, но имам многу фотографии од Кривошијската Када. Ако се споредат моите фотографии со таа што ја објави Еди Рама убаво може да се види дека албанскиот премиер погрешил, односно го „присвоил“ овој локалитет, како тој да е во Албанија. Верувам дека премиерот Рама ова го направил ненамерно или од незнаење, сепак мислам дека овде треба експедитивно да реагира и министерот за надворешни работи на Република Македонија, Бујар Османи, бидејќи станува збор за тенденциозен пост, вели Бошко Видоески.

Во Албанија според мапите на интернет се наоѓа кањон Лешница, инаку во близина на грчката граница и на пат за градот Саранда. Воедно тоа е заштитено природно подрачје.

И покрај жестоките коменатри објавата постирана доцна синоќа се уште не е повлечена.