Балкан
29. September 2020 - 16:39

Еди Рама ги рекламира убавините на Албанија со фотографија од Шар Планина

Брза географија од албанскиот премиер Еди Рама. Преку слика од македонска Лешница на неговиот официјален Фејсбук профил, Рама ја промовираше неговата земја.

„Прекрасна Албанија” и „Кањонот на Лешница”, се описите кои Рама ги напишал при споделувањето на фотографијата од македонскиот кањон на Шар Планина.

На сликата е водопадот на таканаречената втора када на Кривошијска река, кој се наоѓа на македонскиот дел од Шар Планина и кој важи за една од природните убавини на Македонија.

На објавата на албанскиот премиер следуваа низа коментари и реакции. Граѓаните се убедуваат чија Лешница е на сликата, бидејќи истоимен топоним постои и во Албанија. Но дека станува збор за македонската Лешница потврдува и авторот на фотографијата планинарот Африм Тахирај, кој при споделувањето напоменува дека таа е направена при посетата на неговите роднини во Македонија.

Провокација или ненамерна грешка? Од македонската Влада веруваат дека Рама немал намера да ги подгрева тензиите.  

„Остварена е комуникација со Кабинетот на премиерот Рама, при што од наша страна е посочено дека објавената фотографија е од Лешница, Северна Македонија. Веруваме дека станува збор за ненамерна грешка и затоа беше побарано од Кабинетот на Рама да биде објавено објаснување и корекција. Северна Македонија и Албанија имаат одлични односи и добра билатерална соработка и ваквите случувања секогаш се решавале на најдобар можен и конструктивен начин”.

По рекацијата, доцна попладнето Рама го повлече статусот, но без извинување или објаснување за спорната објава. 

Водопадот на Лешница и прочуените Кривошијски кади се нарекуваат и бисер на Шара, но го нема статусот на заштитено природно подрачје како албанската Лешница. Во очекување на предлог законот за прогласување на Шар Планина за национален парк, таму се градат хидроцентрали за кои еколозите велат дека го нарушуваат биодиверзитетот на планината.