Loading Video...
Свет
11. јуни 2020 - 12:36

Џузепе Конте утре ќе даде исказ за мерките против епидемијата во Бергамо, најзагрозениот град во Северна Италија

Италијанскиот премиер Џузепе Конте утре ќе даде исказ во Обвинителството за мерките против епидемијата во Бергамо, еден од најтешко погодените градови во Северна Италија од пандемијата. 

„Воопшто не сум загрижен. Ќе разговараме и ќе им ги кажам сите факти што ги знам“, рече Конте, додавајќи дека тој лично не е под истрага.

Обвинителството истражува зошто Бергамо и околината не биле затворени порано поради пандемијата. Исказ веќе дале претседателот на покраината Ломбардија и регионалниот министер за здравство.

Во Италија досега се заразиле над 235.000 лица, а починале над  34.000 пациенти. Во Бергамо има околу 14.000 заболени и 3.000 починати. Во светот најкритично се уште е во САД, потоа во Бразил и Русија.

Белгискиот принц Јоаким, кој е позитивен на коронавирусот заработи парична казна, бидејќи не ги почитувал карантинските мерки. Тој ќе треба да плати 10.400 евра.  

Принцот е казнет затоа што откако пристигнал во Шпанија пред 3 недели, не ја испочитувал 14-дневната мерка за карантин, а два дена подоцна присуствувал на забава во Кордоба. 

Иако се извинил за неговото однесување, тој ќе мора да плати казна, којашто ќе се намали за 50 проценти доколку ја плати во рок од 15 дена. Принцот Јоаким е внук на кралот Филип од Белгија и 10-ти во редот за наследување на тронот.

Томас Лејн, еден од четворицата поранешни полицајци во Минеаполис, обвинети за смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, е ослободен од затворот со кауција од 750.000 долари. Тој е обвинет за помагање и поттикнување убиство и за помагање и поттикнување на убиство со предумисла за смртта на Флојд пред 3 недели.

Полицаецот кој со колено го притискал вратот на Флојд, додека тој викал дека не може да дише, е обвинет за убиство и убиство со предумисла.

Сите четворица беа отпуштени од полицијата во Минеаполис. 

Во меѓувреме, во знак на револт, Статуи на Кристофер Колумбо кого демонстрантите го сметаат за симбол на геноцид врз Индијанците и поранешниот претседател на Конфедеративните Американски Држави, Џеферсон Дејвис, беа урнати за време на протестите против расизмот и полициската бруталност, кои продолжија во повеќе сојузни држави.