Свет
6. March 2018 - 15:27

Џонсон: Ќе одговориме жестоко ако се докаже поврзаност на Русија со инцидентот со рускиот шпион

Велика Британија ќе одговори жестоко доколку се докаже дека Русија е вмешана во инцидентот, при кој во неделата со засега непозната супстанца беа затруени поранешниот руски двоен шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка, изјави денеска британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон. 

Во обраќање пред британскиот Парламент Џонсон нагласи дека постојат многу шпекулации околу „вознемирувачкиот инцидент“ во англискиот град Салисбери, каде во неделата на клупа во трговски центар во бессознание беа пронајдени 66-годишниот Скрипал и неговата 33-годишна ќерка Јулија, откако биле изложени на „непозната супстанца“.

- Иако би било погрешно да избрзуваме пред завршување на истрагата, Ве уверувам дека ако се појават докази кои укажуваат на одговорност на некоја држава за случајот, тогаш Владата на Нејзиното Величество ќе одговори соодветно и жестоко, изјави Џонсон пред пратениците.

Тој додаде дека Валика Британија размислува за воведување на „санкции, но и на други мерки“ за одговорните за настанот.

- Не покажувам кон никого со прст. Едноставно им порачувам на владите во светот дека ниту еден обид за одземање на невин човечки живот на британска почва, нема да мине без санкции и казни, додаде Џонсон.

Британската полиција претходно информира дека Скрипал и неговата ќерка се во критична сотојба и се наоѓаат на интензивна нега. додавајќи дека е можно да станува збор за „државна закана“.

Скрипал е пензиониран полковник на руската воена разузнавачка служба ГРУ. Тој во 2006 година во Русија беше осуден на 13 години затвор под обвинение за шпионажа во корист на Велика Британија. Во 2010 година беше разменет за руски шпиони, по што доби азил во Велика Британија.

Во првата реакција, Кремљ соопшти дека е подготвен да соработува, доколку Велика Британија побара помош во истрагата за оваа „трагична ситуација“.

Ова, како што пренесува МИА, е втор случај на труење на поранешен руски агент во Велика Британија. Во 2006 година на 43-годишна возраст во Лондон почина поранешниот руски разузнувач Александар Литвиненко, откако беше затруен со радиоактивен полониум. Литвиненко пребега од Русија во Велика Британија, по што стана еден од главните критичар на Кремљ.

Британските власти за смртта на Литвиненко ги обвинија Русите, Андреј Луговој и Димитриј Ковтун, кои ги отфраат обвинувањата и негираат дека го убиле.