Свет
14. September 2017 - 8:27

Џонсон и Тилерсон ќе разговараат за Ирма, Северна Кореја и Либија

Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон денеска ќе има средба со американскиот колега Рекс Тилерсон, а главна тема ќе бидат последиците од ураганот Ирма, Северна Кореја и Либија, соопшти британскиот Форин офис.

Џонсон во текот на оваа недела ги посети британските територии Ангвиља и Британските Девствени Острови, со цел на самото место да види колкава е штетата од ураганот Ирма, а на таа тема ќе разговара и со Тилерсон. Според најавите, тема на средбата ќе биде и Северна Кореја по изведените шест нуклеарни проби.

Џонсон ќе биде домаќин на состанокот за Либија, каде освен Тилерсон, ќе присуствуваат и италијанскиот министер за надворешни работи Анџелино Алфано, шефот на египетската дипломатија Самех Шукри, како и специјалниот пратеник на ОН за Либија Гашам Саламе.