Македонија
3. May 2016 - 15:02

Џес Бејли: Останувам во контакт со сите лидери на политичките партии

Остануваме во контакт со политичките лидери за Македонија да излезе од политичката криза, одговори денеска Амбасадорот на САД Џес Бејли на новинарско прашање за време на посетата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, дали амбасадорите ќе помогнат за да се закаже нова лидерска средба во земјава. 

- Останувам во контакт со сите лидери на политичките партии. Денеска сум овде да зборувам на друга тема, но секако ќе останеме во контакт, ќе се трудиме да и помогнеме на Македонија да излезе од оваа политичка криза. Ќе ве информираме за следните чекори што планираме да ги направиме, рече Бејли.

Амбасадорот на САД, Бејли денеска имаше средба со ректорот на УГД-Штип, Блажо Боев и одржа предавање на студентите од Правниот факултет.

Една од моите цели уште пред да дојдам во Македонија, потенцира тој, беше да се зајакне соработката меѓу нашите универзитети и студенти.

- Секој универзитет во светот сака да стане дел од еден глобален систем, затоа е  важно студентите и универзитетските работници да имаат соработка не само во регионот, туку и во светот. Задоволен сум што Амбасадата може да соработува со вашиот универзитет во неколку различни области, а ќе го вклучиме и Правниот факултет кој ќе го посетам сега. Соработуваме и во научните студии. Тоа е дел од мојата работа овде да градам врски меѓу нашите земји меѓу нашите универзитети, рече Бејли.

Ректорот на УГД, Боев истакна дека на средбата со амбасадорот Бејли разговарале за  соработка и конкретни проекти коишто можат да се реализираат меѓу штипскиот универзитет и универзитетите во САД.