Свет
28. September 2016 - 13:20

Џереми Корбин ветува дека лабуристите нема да ја ограничуваат имиграцијата

Лидерот на британската опозициска Лабуристичка партија Џереми Корбин изјави дека лабуристите нема да ја ограничуваат имиграцијата во земјата, спротивставувајќи се на навестувањето на конзервативната влада на премиерот Тереза Меј, за „преземање на контролата на границите“ и за блокирање на влезот за мигрантите.

- Лабуристите нема да потпалуваат страв (со мигрантите) со давање лажни ветувања околу запирањето на имиграцијата во Британија, рече лидерот на опозицијата во интервју за радио Би-Би-Си.

Корбин, кој одново, со големо мнозинство, беше избран за лидер на партијата, вели дека тој се противи на ограничувањето на бројот на миграцијата, затоа што смета дека тие имаат голем удел во британската економија и во нејзиниот растеж.

Владејачките конзервативци, уште додека премиер беше Дејвид Камерон, а министер за внатрешни работи Тереза Меј, ветуваа дека „нето“ имиграцијата нема да биде поголема од 100 илјади мигранти, годишно. Во вториот квартал на оваа година таа изнесуваше повеќе од 320 илјади мигранти, или над три пати од ветуваните бројки, но Меј, сега како премиер, инсистира на „драстично намалување“ на имиграцијата, до ниво како „од пред неколку децении“.

Лидерот на лабуристите Корбин смета дека станува збор за „лажни и нереални ветувања„ на конзервативците, за да се оправда Брегзит, иако тој нема објаснување, зашто голем број традиционални лабуристички гласачи, од Североисточна Англија гласаа како и ториевците, за излез на Британија од ЕУ.

Лондонски „Фајненшл Тајмс“ предупредува денеска дека определувањето на Корбин за „отворена врата“ за влез на мигранти, само и оди на рака на антиевропската Партија на независноста на Обединетото Кралство (УКИП) која на тој начин ќе продолжи да ги привлекува гласовите на работниците кои како и ториевците , сметаат дека е неопходна строга контрола на границите.

Проториевските медиуми остро ја осудуваат ваквата позиција на Корбин, обвинувајќи го за „пркосење и непочитување“ на Брегзит и на вољата на мнозинството британски гласачи.