Македонија
26. January 2016 - 17:28

Џејсон Катз: Време е САД да ја поддржи Македонија за влез во ЕУ и НАТО

Дејли Колер, еден од водечките интернет весници во Вашингтон, објави колумна од Џејсон Катз, кој повикува дека е крајно време САД да дадат поддршка за приемот на Македонија во НАТО и во Европската Унија. Катз посочува на економскиот и политичкиот напредок на Македонија и укажува на драматичното влошување на бегалската криза во Европа, што според него бара неодложно зацврстување на регионот и деблокирање на македонските интеграции.

- А ретки се државите во Југоистична Европа, по распадот на Југославија и балканските војни, кои постигнале толку сериозен политички, економски и дипломатски напредок како Република Македонија. Само 10 години по изборот на Никола Груевски за премиер, оваа република со малку над два милиони жители, постигна значителен економски раст и го унапреди својот статус како држава. Светската Банка ја рангира Македонија како 12-та држава во светот и 6-та во Европа по поволностите за водење на бизнис. Пред доаѓањето на Груевски на власт, Македонија беше пласирана 94-та. Дополнително, стапката на невработеност, која е главен економски и политички проблем во Југоисточна Европа, падна од 40 на 25 проценти, со 150.000 нови работни места отворени во мандатот на Груевски. Во изминатите години, Македонија исто така постигна значителен напредок во областа на владеењето на правото, на заокружување на демократскиот систем на владеење, евро-атланските интеграции и во отпочнувањето на процесите за прием во Европската Унија и НАТО, пишува Катз.

Во текстот се наведува дека, во рамките на политичкиот договор поддржан од Европската Унија, се подготвуваат избори, на кои се очекува Груевски да биде реизбран за претседател на Владата, по предвиденото повлекување на три месеци пред изборите кое е со цел да се обезбеди коректноста на процесот, но и да се спречи опозицијата да го наруши изборниот процес.

- Причината за овие избори е опозицискиот лидер Зоран Заев, кој се сомничи за поврзаност со ланскиот обид за државен удар поддржан од странство, и кој е осомничен и под активна истрага за илегално прислушување, уцена на владини функционери, вклучително и Груевски, како и за долга низа други кривични дела. Заев, по се изгледа во обид да ги држи во заложништво изборите поддржани од Европската Унија, повторно се заканува со нивен бојкот. Независно од се, Груевски повторно ќе се кандидира за премиер и се очекува да победи, имајќи ја предвид неговата исклучителна популарност и оценките за првокласно водење со државата. Груевски би требало да се врати назад на возачкото седиште за помалку од 100 дена, пишува Катз.

Катз додава дека, и покрај тоа што за разлика од земји како Грција, Македонија не може да смета на целосната поддршка на НАТО и ЕУ во справувањето со бегалската криза, македонските власти сепак постапиле хумано и во согласност со европските стандарди, обезбедувајќи безбеден премин на огромен број бегалци. Сепак, растечките безбедносни закани поврзани со бегалската криза и се позасилените руски активности во регионот, според Катз, се причина да се стави крај на неизвесноста околу македонските интеграции.

- Време е членките на ЕУ и НАТО да извршат притисок врз Грција да престане да си игра со изолирање на Македонија. Бегалската криза е сериозен притисок врз ресурсите на цела Европа. Таа е и значителна и изненадувачка безбедносна закана која Европејците не ја очекуваа. Забрзувањето на приемот на Македонија во НАТО и во Европската Унија ќе доведе еден стабилен и одговорен играч во тимот. На Европа и е потребна секоја помош што може да ја добие. Со навлегувањето на Руската Федерација на Балканот и на Блискиот Исток, и со заострувањето на војната против тероризмот, на НАТО му се потребни нови членки од доверба. Македонија е сериозен и стабилен партнер како за ЕУ така и за НАТО. Време е да ја тргнеме настрана расправијата околу името и заеднички да се фокусираме на општото добро, пишува Џејсон Катз во колумната за Дејли Колер