Свет
19. October 2015 - 18:38

Џеб Буш: Трамп кон надворешната политика се однесува како во „реалити шоу“

Поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш, сега еден од претендентите за номинација на Републиканската партија за изборите во 2016 година, изјави дека милијардерот Доналд Трамп не може да биде „сериозен претседател на САД“, затоа што неговата надворешна политика наликува на „реалити шоу“ програмите.

Се сомневам дека Трамп нема способност да биде навистина сериозен претседател на САД и да ја преземе одговорноста да командува со американските вооружени сили и со нуклеарниот потенцијал, рекол Џеб Буш во разговор во тв емисијата „Состојбата на Унијата“.

Според Буш, планот на Трамп, според кој треба да се остават џихадистите од Исламска држава, да го тргнат од власт (сирискиот претседател) Башар ал Асад, а потоа ИД да им се остави на Русија да се пресмета со нив, делува како забавна игра на која се местат фигури на табла и е „апсолутно несериозен“.

„САД се одново изложени на сериозна закана и за тоа е потребен еден подготвен претседател, вели Џеб Буш.

Некогашниот гувернер во разговорот ги отфрли критиките што Трамп претходно, ги изрече кон претседателот Џорџ Буш, обвинувајќи го за терористичките напади од 11 септември 2001 година, затоа што се случиле во време кога тој бил во Белата куќа.

Џеб Буш кој е помлад брат на поранешниот претседател Буш, смета дека за време на своте два мандати, успеал да ја обедини земјата, да ја организира и ја чуваше да биде безбедна.

- Тоа е факт што не може да се негира и во него веруваат големо мнозинство до Американците, забележува Буш.

Тој вели дека не реагира против изјавата на Трамп, за да го одбрани својот брат, туку затоа што многу е веројатно милијардерот во некоја следна прилика ќе го обвини и тогашниот претседател Френклин Делано Рузвелт, за јапонскиот напад врз Перл Харбур, во декември 1941 година.

Џеб Буш во разговорот во „Состојбата на Унијата“ ја критикуваше и Хилари Клинтон која води на листата на претенденти за номинацијата во Демократската партија. Според помладиот Буш, политиката што ја заговара Клинтон е „лоша за САД“.

Доналд Трамп е еден од 15 претенденти за републиканската номинација и засега е убделиво во водство кај гласачите и симпатизерите на оваа американска партија. Тој претходно учествуваше подолго време во една телевизиска емисија од типот на „реалити шоу“ програмите и политичките набљудувачи го сметаа за „аутсајдер“ и за политички неподготвен да биде претседателски кандидат.