Џет-Сет
7. November 2016 - 8:58

Џастин Бибер е големиот победник на Европските музички награди МТВ

Џастин Бибер е големиот победник на Европските музички награди на Ем-Ти-Ви (МТВ), кои беа доделени синоќа на церемонијата во Ротердам. 

Бибер, кој триумфираше на минатогодишната церемонија за Европските музички награди на МТВ во Милано, победи во категоријата за најдобра песна со „Sorry“, ја зеде титулата за најдобар канадски изведувач, како и наградата за пејач со најмногу фанови. 

Тој сепак, како и многу други победници, не присуствуваше на церемонијата.

Лејди Гага, која е на турнеја во Јапонија, ја доби наградата за најдобра пејачка и изведувач со најдобар изглед. 

Групата „Coldplay“ победи во категоријата за најдобри рок изведувачи, а „Twenty one pilots“ ги понесоа наградите за најдобри изведувачи во живо и најдобра алтернативна група. 

Бијонсе, која беше номинирана за најдобро видео за песната „Formation“, најдобра пејачка, изведувач со најмногу фанови и најдобар локален изведувач (САД), не доби нути една награда. 

Британката Адел исто така си замина со празни раце, иако имаше четири номинации, вклучително и за најдобра песна, за која беше номинирана „Hello“.