Македонија
15. January 2020 - 19:47

Џафери – Вархеји: Заедничките напори ќе резултираат со одлука за почеток на преговорите во март или мај оваа година

Заедничките напори ќе резултираат со одлука за почеток на преговорите во март или мај оваа година, беше истакнато на денешната средба во Скопје меѓу претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери и еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји.

Спикерот Џафери посетата на Вархеји, кој е дводневна работна посета на нашата земја, ја смета за поддршка на цврстата определба на државата да остане на европскиот пат и покрај застојот со кој се соочува.

Тој, како што соопштуваат од собраниската прес-служба, истакнал дека и покрај големото разочарување од недонесувањето на одлука за старт на пристапниот процес по октомврискиот состанок на Европскиот совет, политичките чинители во земјата смогнаа сили и успеаја да останат фокусирани на стратешката цел на државата за полноправно членство во Европската Унија.

Џафери истакнал дека иако причината за недобивањето на датум лежи во нерешените внатрешни прашања на самата Унија, политичките лидери на Република Македонија решија да го вратат мандатот кај граѓаните и да ги повикаат да се изјаснат на предвремени парламентарни избори на 12 април 2020 година за понатамошниот пат на државата. Во периодот што следи, нагласил претседателот Џафери, напорите ќе бидат насочени кон одржување на транспарентни, фер и демократски избори.

Комесарот Вархеји посочил дека неговата прва посета надвор од Европската Унија е токму на Република Македонија поради тоа што државата направи најмногу за да ги оствари своите аспирации за европска интеграција и дека на овој начин тој оддава признание на тие напори. Тој информираше дека неговиот план е до март да се создадат можности за отворање на пристапните преговори со Република Македонија и Република Албанија и за таа цел новата методологија за процесот би била претставена до крај на јануари.

– Пакетот би содржел три столба и тоа методологија за целиот процес, отворање на пристапните преговори со двете држави и нов економски план за целиот регион. Комесарот за проширување Вархеjи нагласи дека на октомврискиот самит беше направена грешка и дека новата методологија е начин таа грешка да биде исправена, се ваведува во соопштението.

Претседателот Џафери му се заблагодарил на комесарот за сите негови напори за брзо усвојување на новата методологија и донесување заслужена одлука за почеток на пристапните преговори за Република Македонија што е можно поскоро и истовремено ги поздравил и напорите на Хрватска која како еден од приоритетите на своето претседавање со Европската Унија го поставува обезбедувањето на поддршка од земјите членки за доделување на датум за нашата држава.