Џафери: „Сите сме деца на Илинден“ е концепт на заедничките вредности што ги славиме
Кога ги одбележуваме двата Илиндена и кога изразуваме неизмерна почит и благодарност до сите Илинденци, сакам од ова место да се заблагодарам на сите граѓани на Република Северна Македонија за нивната истрајност, за нивната лојалност и за одговорното пренесување на аманетот на Илинденците, впрочем, вие само го потврдувате тоа што го велите и слоганот за овој 2 Август – „Сите сме деца на Илинден“ рече претседателот на Собранието Талат Џафери во своето обраќање по повод Денот на Републиката во Пелинце.
Имаме, истакна тој, една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија.
-Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани, рече Џафери.
„Сите сме деца на Илинден“, дополни тој, е вистински концепт што ги опишува заедничките вредности кои сите ги славиме, ги празнуваме, тоа се вредности кои не обединуваат и поврзуваат, не прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава. Нашата држава, како што рече, е „спој на различности, уникатен мозаик во кој секој уникатен дел растел и се развивал врз своите корени кои биле и се потврда на долговечноста и истрајноста на народите кои што живееле и биле дел од ова поднебје“.
-Полни 28 години самостојна, суверена, слободна држава. Секоја година со нови предизвици, со многу премрежија и нови кризи. Не беше едноставно, но сепак, сите заедно успеавме да ги надминеме и да чекориме напред кон остварувањето на нашите стратешки цели. Нашето патешествие не одеше секогаш паралелно со нашите амбиции и желби. Секако дека клучната улога ја имаа и секогаш ја имаат тие во чии раце е доверена државата, нејзиниот напредок и развој, нејзината безбедност и сигурност. При тоа мислам на сите, и власт и опозиција, затоа што сите добиле дел од легитимитетот и се разбира и одговорноста што ја дава највисокиот суверен – народот, рече Џафери.
Тој истакна дека минативе две и пол години се можеби најжешките години во историјата на земјава, во однос на временските прилики.
-Ова беше период на донесување на тешки меѓутоа државнички одлуки кои го деблокираа нашиот пат кон Евроатланската интеграција и во кој политички созреваа и граѓаните и државата. Се вративме на брзата пруга за евроатланска интеграција и се посветивме на воспоставувањето и градењето на добрососедските односи. Имавме интензивна дипломатија и активна партиципација на институциите на државата на регионалните и светските меѓународни настани, активно учествувавме и продолжуваме да учествуваме во мировните мисии на НАТО сојузот при што нашите претставници се рамо до рамо со претставниците на полноправните земји – членки и меѓу другото придонесуваме и во рушењето на предрасудите и стереотипите од типот Балканот е „буре барут“, рече Џафери.
Додаде дека членството во Европската Унија и НАТО, подразбира владеење на правото и правниот ред во државата без дискриминација, почитување на правата и слободите на сите граѓани подеднакво, без оглед на нивната етничка, верска, расна, политичка припадност и пол.
Членството, како што рече Џафери, ќе значи европски стандарди за достоинствен живот, конкурентни услови за работа и бизнис, можности за квалитетно образование и научни истражувања за младите ентузијасти и зрели професионалци.