Македонија
23. May 2017 - 14:43

Џафери се сретна со кинеската амбасадорка Лишиан

Воспоставените пријателски односи меѓу Македонија и НР Кина треба да се негуваат со силна посветеност и меѓусебна доверба, оценија претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери и амбасадорката на НР Кина во Република Македонија, Јин Лишиан на денешната средба во Парламентот. 

Амбасадорката, информираат од собраниската прес-служба, на почетокот од средбата му го честитала изборот на Џафери на функцијата претседател на Собранието и му врачила официјална честитка од претседателот на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес, Џанг Дежианг по тој повод.

Таа ја истакнала натамошната поготвеност на НР Кина потесно да соработува со Република Македонија на билатерален план, особено меѓу парламентите на двете држави и изразила очекување дека Џафери, како новоизбран претседател на Собранието, ќе  даде силен придонес во зајкнување и продлабочување на извонредните билатерални односи меѓу двете пријателски земји и нивните граѓани. 

Џафери ја запознал амбасадорката со актуелните случувања на планот на формирањето на новата влада, по што нагласил дека ќе следи формирање на работните тела на Собранието, делегациите и пратеничките групи за соработка со парламенти на одделни држави.

Истовремено, ја информирал амбасадорката дека Собранието на Република Македонија, во неколку последователни мандати, формира Пратеничка група за соработка со парламентот на НР Кина, со што ја покажува својата посветеност и интерес за негување, зајакнување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски.

Тој ја подвлекол подготвеноста за потесна соработка со својот колега од Секинескиот народен конгрес во блиска иднина.

- Соговорниците разговараа и за очекувањата дека новата влада ќе продолжи по патот на долгогодишната соработка со НР Кина, особено во однос на веќе започнатите проекти во инфраструктурата и во образовниот процес, како и во контекст на иницијативата на кинескиот претседател Ши Џинпинг за обнова на „Патот на свилата“, односно проектот 16+1, кој се однесува на земјите од Централна и Источна Европа од една страна и НР Кина, од друга страна. Овој мега-проект ја вклучува и Република Македонија и неговата реализација ќе претставува силен импулс на севкупниот општествен, економски, инфраструктурен и бизнис развој на сите земји учеснички, соопшти собраниската прес-служба.