Македонија
16. October 2019 - 14:06

Џафери се сретна со делегацијата на Австралија во Интерпарламентарната унија

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија во Интерпарламентарната унија (ИПУ) денеска оствари средба со делегацијата на Австралија во оваа организација, предводена од Луси Викс, пратеник во Претставничкиот дом на австралискиот Парламентот.

На средбата во рамки на 141. Собрание на ИПУ, што се одржува во Белград, била истакната потребата од натамошно унапредување на билатералните односи меѓу двете држави, како на парламентарно ниво, така и во сите полиња од заеднички интерес.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, кој ја предводи собраниската делегација, изразил благодарност што Австралија е традиционален поддржувач на стратешките определби на нашата држава за евроатланска интеграција.  Тој нагласил дека двете земји се сојузници во борбата против тероризмот во светски рамки и учествуваат во мисијата ИСАФ во Авганистан. Укажал дека заинтересирана за интензивирање на политичкиот дијалог со Австралија, со реализација на посети на високо и највисоко ниво, како и за унапредување на економската соработка.

-Собранието на Република Северна Македонија е отворена, транспарентна, отчетна и функционална демократска институција, во која се води активен и интензивен политички дијалог меѓу пратениците од власта и од опозицијата. Истовремено, Џафери информираше за актуелните настани во врска со евроатланската интеграција, за спроведените реформи и за тешките но неопходни одлуки што ги донесе земјата, кои ги отстранија пречките на патот за членство во ЕУ и НАТО, соопшти собраниската прес-служба.

Членовите на австралискиот Парламент, стои во соопштението, упатиле честитки за веќе извесното членство на Република Северна Македонија во НАТО и изразија очекување за позитивна одлука од лидерите на ЕУ во врска со определувањето на датум за почеток на пристапни преговори со Унијата. Истовремено, австралиските пратеници упатија охрабрување да се продолжи со реформите на патот кон ЕУ. Беше нагласена добрата соработка меѓу двете земји на полето на одбраната и полицијата, при што беше укажано дека Австралија високо го цени придонесот на земјата во НАТО и учеството во мисијата ИСАФ.

-Соговорниците се согласија дека билатералната соработка меѓу двете земји не соодветствува на големиот потенцијал, особено во контекст на големата дијаспора од Република Северна Македонија во Австралија. Тие истакнаа дека бројните иселеници, како и стотиците студенти од земјава што студираат во Австралија, треба да претставуваат мост за унапредување на билатералите односи и продлабочување на севкупната соработка. Беше оценето дека, одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете држави следната година, ќе претставува извонредна можност преку разни активности и манифестации да се придонесе кон збогатувањето на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Австралија, сопшти службата за информирање на Собранието.