Македонија
30. July 2021 - 17:21

Џафери на средба со Сагарц: Собранието континуирано работи на агендата за евроинтеграции

Претседателот на Собранието Талат Џафери, се сретна со европратеникот Кристијан Сагарц, известител во сенка за Македонија од Европските народни партии во Европскиот парламент, кој е во прва дводневна работна посета на земјава.

Џафери, како што соопшти собраниската прес-служба, изрази надеж посетата на европратеникот Сагарц ќе биде добра можност тој да добие јасна слика за актуелните состојби и портфолиото на државата, односно нашата спремност да ги започнеме преговорите врз основа на исполнети критериуми и заслуги.

Тој упатил и благодарност до Република Австрија за силната посветеност да обезбеди европска перспектива за земјите од регионот и да го откочи и забрза процесот на нашето интегрирање во Европската Унија.

– Во однос на актуелниот застој со кој се соочуваме, Џафери изрази надеж дека по формирањето на институциите во Бугарија по одржаните парламентарни избори, ќе се интензивира дијалогот за изнаоѓање решение за одржување на првата меѓувладина конференција која ќе го означи почетокот на преговорите за членство во Европската Унија. Тој истакна дека Собранието континуирано работи на агендата за евроинтеграции и е подготвено за сите следни чекори што ја очекуваат земјата на патот кон Европската Унија, а информираше и за претстојниот попис во Септември и за одржувањето на редовните локални избори во Октомври, се наведува во соопштението.

Пратеникот Сагарц известил дека тој како известител во сенка за Република Македонија од Европскиот парламент, во оваа своја прва посета на државата ја забележува разочараноста поради застојот во процесот на еврооинтеграции и изразил разбирање бидејќи земјата ги исполни сите услови за почеток на преговорите за членство.

Тој нагласил дека, позицијата на Европските народни партии во Европскиот парламент е дека Европската унија ќе биде цела само со вклучување на земјите од Западен Балкан. Според него, напорите во Европската Унија треба да се насочат кон што е можно побрзо отворање на пристапните преговори.

Нагласувајќи дека партнерството меѓу Република Македонија и Република Австрија се одвива и во други сфери, двајцата соговорници разменија мислења и во однос на борбата против нелегалната миграција и при тоа ја поздравија меѓусебната соработка изразена преку присуство на австриски полициски сили на граничните премини во Македонија.