Македонија
13. April 2021 - 11:46

Џафери им го честита почетокот на Рамазан на припадниците на исламската вероисповед

Претседателот на Собранието Талат Џафери го честита почеток на светиот месец Рамазан на припадниците на исламската вероисповед.

-Ми претставува чест од свое име и од името на пратениците во Собранието на Република Македонија да Ви го честитам првиот ден на Рамазан, светиот месец на колективната солидарност, месецот на духовно и телесно прочистување на нашите мисли, тела и проникнување во вистинските вредности на доблесното човечко битие кое има почит кон секој што е ист а различен од него, затоа што е пред сѐ човек. Нека духот на солидарноста, благодатите што ги носи празникот, топлиот збор и хуманите дела се вселат во нашите домови, нашите срца не само овој месец, туку нека зрачат секогаш и секаде каде за тоа има потреба, луѓе сме и сами сме немоќни, заедно, можеме многу, истакнува Џафери.

Тој во честитката изразува жалење што и овој Рамазан продолжуваат препораките за заштита од Ковид-19, што го нарушува традиционалниот начин на одбележување на овој месец.

-Почитувани сограѓани, и овој Рамазан за жал продолжуваат препораките за заштита на нашето здравје и здравјето на нашите блиски од вирусот КОВИД-19 и знам дека тоа во голема мера го нарушува традиционалниот начин на одбележување на овој месец, меѓутоа, верата, добрите мисли и молитвите се во нас самите, и тие може да ги практикуваме и на алтернативни начини, доволно е да имаме искрена желба и добра волја. Нека е честит почетокот на Рамазан, нека е со лесно и нека е во топлиот семеен круг, во мир и благосостојба, порачува во честитката претседателот на Собранието.