Македонија
29. March 2019 - 11:42

Џафери до Дескоска: Собранието работи по Деловник, не по диктат на министри

По изјавата на министерката за правда Рената Дескоска, дека во најскоро време предлозите за СЈО треба да бидат преточени во закон и ставени на седница, како услов за препорака од ЕУ, Претседателот на Собранието Џафери пушти реакција преку Фејсбук и истакна дека Собранието работи според Деловник, а не по диктат.
 
„Собранието на Република Северна Македонија работи согласно Деловникот, а не врз основа на диктат, а уште помалку според одредени индивидуални претензии, па дури тие да се и на еден министер, било кој и да е“, напиша Талат Џафери.
 
Претседателот на Собранието, Талат Џафери и на вчерашната средба со новинарите беше категоричен и рече дека нема да закаже седница дури и да се договорат власта и опозицијата околу Законот за Јавно обвинителство, зошто не сака да биде искористена за водење предзиборна кампања.